Најмалку 117 деца досега се убиени во руската инвазија врз Украина, изјави денеска украинскиот претседател Владимир Зеленски во своето обраќање пред италијанските пратеници, додавајќи дека тоа нема да биде конечниот број.
Зеленски ја повика Италија да ги замрзне руските средства и да ги конфискува луксузните стоки, како што се јахтите, тврдејќи дека тоа е неопходно за да се спречи рускиот претседател Владимир Путин.
– Треба да запрете само еден човек за да преживеат милиони луѓе – истакна украинскиот претседател.
Тој додаде дека претходно телефонски разговарал со папата Франциск, кој го охрабрил во борбата на армијата за слободата на Украина.
– Јас му одговорив: нашиот народ стана војска кога виде колку страдања носи непријателот, колку уништувања остава зад себе, колку крвопролевање бара, нагласи Зеленски.