За мене најбитно ќе биде она што ќе го подготвиме на тренинзите да го имплементираме и на теренот, а тоа значи да се придржуваме до планираната тактика и сметам дека тогаш и посакуваниот резултат ќе си дојде сам по себе, вели десното крило Гоце Георгиевски, пред мечот вечерва со Романија, во Скопје
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА МУНДИЈАЛОТ В ГОДИНА
Македонската машка ракометна репрезентација со денешниот прв бараж-дуел во СЦ „Борис Трајковски“ (19 часот) во Скопје, против селекцијата на Романија, го почнува патот за своето осмо учество, а шесто во низа на светските првенства (СП). Реваншот е в сабота во Букурешт (17 ч.), а вкупниот победник од овој дуел ќе игра во април со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП 2023 во Полска и во Чешка. Македонија на СП во континуитет игра од 2013 година. Романија, пак, досега настапила на 14 СП, а последен пат во 2011 година, кога беше 19-та.
– Нѐ очекуваат два тешки натпревара со Романија, која е квалитетна репрезентација, со искусен тренер. Според мене, првиот натпревар ќе биде клучен, но не би можел да прогнозирам колкава гол-разлика би ни била идеална за помирен реванш. Некогаш и голема предност пред реваншот не гарантира сигурен пласман. Затоа за мене најбитно ќе биде она што ќе подготвиме на тренинзите да го имплементираме и на теренот, а тоа значи да се придржуваме до планираната тактиката и сметам дека тогаш и посакуваниот резултат ќе си дојде сам по себе – вели десното крило Гоце Георгиевски.
Македонија во 2018 година играше ваков бараж-дуел со Романија, која и тогаш беше предводена од селекторот Хавиер Пасквал. Тие средби беа за пласман на СП во 2019 година во Германија и во Данска, а Македонија излезе како вкупен победник. Во Скопје, Македонија славеше со 32-24, а во реваншот загуби со 25-26.
– Не би можел да кажам кој натпревар ќе одлучи против репрезентацијата на Романија, дали првиот или вториот, а добро одигран само еден натпревар, сигурно не е доволно за сигурен понатамошен пласман. Исто така, нема и некоја гол-разлика што може да гарантира сигурен пласман. Токму затоа сметам дека мора и на двата меча да бидеме на високо ниво, да одиграме максимално борбено и да го реализираме тоа што сме го подготвиле изминативе тренинзи – рече левото крило Гоце Ојлески.
Влезниците за дуелот Македонија – Романија може да се набават онлајн на интернет-страницата на МК-тикетс, по цена од 100 денари.
БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Македонија – Романија 19 ч.
Австрија – Естонија 19 ч.
Португалија – Швајцарија 20 ч.
Грција – БиХ синоќа
Италија – Словенија синоќа
Израел – Литванија синоќа
Словачка – Белгија синоќа