Микел Артета, менаџерот на Арсенал, во Одегард гледа потенцијален иден капитен на „топџиите“ поради неговите лидерски способности
МАРТИН ОДЕГАРД, ФУДБАЛЕР НА АРСЕНАЛ
Норвежанецот Мартин Одегард вели дека не му е потребно да ја носи капитенската лента за да биде лидер на теренот во тимот на Арсенал. Одегард (23) се надева дека ќе го искористи своето искуство како своевремена тинејџерска сензација за да им помогне на помладите, на Букајо Сака (20) и на Емил Смит Роу (21), да се справат со притисокот. Микел Артета, менаџерот на Арсенал, во Одегард гледа потенцијален иден капитен на „топџиите“ поради неговите лидерски способности.
Одегард игра врвен фудбал речиси осум години и иако Александре Лаказет, Киран Тирни и Роб Холдинг во моментов ја носат капитенската лента, и тој има искуство во таа област.
– Поминав низ многу работи. Отидов во Реал Мадрид кога имав 16 години, играв во Норвешка на 15 години, бев во неколку различни клубови на заем и се чувствувам како да сум поминал многу нешта. Тоа ми помогна да пораснам и да се чувствувам посамоуверено. Се разбира, поголема е одговорноста да се биде капитен на својата земја, но не се чувствувам како да сум се променил по тоа. Мислам дека сум истата личност. Би ги правел истите работи на теренот и да не сум капитен – вели Одегард за весникот „Индепендент“.
Преселбата во Реал беше неуспех, но Одегард го искористи тоа искуство, заедно со играњето на заем во Холандија, Шпанија и во Англија, во Арсенал, за да напредува.
– Бев толку заљубен во фудбалот, така што не размислував за ништо друго, само сакав да играм фудбал. Не ми беше грижа тогаш, но сега кога ќе погледнам наназад можам да разберам дека беше лудо. Но во тоа време не размислував, мислам дека бев свесен за сè што се случува околу мене – се потсетува Одегард.
Неговиот трансфер од 30 милиони фунти (37,5 милиони евра) во Арсенал минатото лето беше дел од пошироката трансфер-стратегија, со која Артета и техничкиот директор Еду сакаа да ја променат динамиката на првиот тим.
– Мислам дека клубот имаше јасен план што сака да направи и какви профили на играчи да доведе. Сите играчи што ги ангажираа завршија одлична работа, му помогнаа и многу го подобрија тимот – вели Одегард за преодниот рок во кој Арсенал потроши повеќе пари од кој било друг клуб во Европа.
Ангажирањето помлади, поамбициозни, иако сѐ уште недокажани таленти, кои им се придодадоа на играчите што веќе му беа на располагање на Артета, му овозможи на Арсенал сезонава да се бори за пласман меѓу четирите најдобри тима во Премиер-лигата. Сака и Смит Роу, кои се стандардни во првиот тим и англиски репрезентативци до 20 и 21 година, можат да учат и од Одегард.
– Секако дека можам да им дадам неколку совети за тоа како се погрижив да останам фокусиран на фудбалот и да имам добри луѓе во мојот живот. Тие веќе поминаа низ многу работи, но можам да им помогнам – истакнува Одегард.
Одегард на неодамнешната победа против Вотфорд го даде петтиот гол, а има и четири асистенции сезонава.
– Фудбалот малку се промени со текот на годините, а Роналдо и Меси имаат голем удел во тоа со головите и со асистенциите. Сега сите ве оценуваат преку постигнатите голови и асистенции, но за мене, најважно од сѐ е да му помогнете на тимот да победи и да се подобрува – вели Одегард.