Во Филхармонијата гостува еден од највозбудливите гудачки квартети на денешнината – „Баланеску квартет“. Иновативен и прогресивен, „Баланеску квартет“ е состав што засекогаш ги смени параметрите по кои претходно функционираа класичните гудачки квартети, создавајќи препознатлив стил и нова музичка естетика. Филхармонијата со овој концерт почнува серија настани под наслов „Збор, два за музиката“, нова практика што Филхармонијата ќе ја реализира во текот на оваа година преку разговори со солисти, композитори и диригенти што ќе настапуваат на домашната концертна сцена.
– Концертот на „Баланеску квартет“ претставува огромна чест и задоволство, посебно поради фактот што од отворањето на салата не сме имале настап на ваков исклучително познат и важен музички состав, кој фигурира како еден од најпрогресивните на светската музичка сцена. Ова е нивни втор настап во Скопје, првпат настапија пред 17 или 18 години, и сѐ уште носат незаборавни спомени од овој концерт – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата.
Лидерот на квартетот, виолинистот Александар Баланеску, истакна дека е емотивно врзан со македонската публика, која ја опиша како топла и непосредна.
– Последниот концерт во Скопје беше многу одамна, но сѐ уште живо се сеќавам на него, тоа беше еден од најспецијалните настапи што воопшто сме ги имале на светската музичка сцена. Не беше лесно да се организира повторна средба со македонската публика, поради пандемијата еднаш го откажавме концертот, но успеавме да договориме нов датум и, еве, сега сме тука, што претставува своевидна победа за мене – вели Баланеску.
На концертот ќе свират фрагменти од еден од нивните најпознати и најпродавани албуми „Luminitza“, чиј наслов симболично сугерира на светлината, која секогаш се гледа на крајот од тунелот, како парафраза на индивидуалниот импулс на Александар Баланеску, но и генерално како синтагма на своевиден позитивизам.
– Овој албум го напишав кога се вратив повторно во Романија, по 22 години пауза. Со моето семејството заминавме во времето на режимот на Чаушеску и немавме можност да ја посетиме нашата татковина повеќе од две децении. Кога се вратив во Романија, многу емотивно го доживеав тоа, повторно се поврзав со семејството, станав свесен за политичката промена, која повторно ја врати надежта за иднината. Во моментов светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму – вели Баланеску.
Инспирација за создавањето на неговата музика се романскиот фолклор, но и традициите на другите земји во Европа.
– Фолклорот е вечна инспирација за мене, зашто во него се сублимирани основните работи што им се важни на луѓето, тој претставува комбинација на радоста и страдањето. Го познавам добро и вашиот фолклор и честопати бил инспирација за создавање на мојата музика – вели Баланеску.
Соработувале со композитори како Мајкл Најмен и Гевин Брајерс, со „Лонџ Лизард“ на Џон Лури, Орнет Колмен, Дејвид Брн, „Пет шоп бојс“… Нивните проекти се инспирирале од традиционалната романска музика, од музиката на „Крафтверк“… Концертите на „Баланеску квартет“ се препознатливи по својата енергичност и динамичност, свиреле на контрастни сцени како њујоршката „Нитинг фактори“, лондонскиот „Раундхаус“ до центарот „Линколн“ и стадионот „Вембли“…