Меѓу книгите од проектот „Читаме заедно“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, има една сурово искрена приказна проткаена со многу хумор и сарказам, „Гробиштата“ од романскиот писател Адријан Телешпан. Романот е издание на „Три“.
– Лекциите научени од книгите најдолго се паметат. Особено ако протагонистите се соочуваат со проблеми со какви што човекот неизбежно се соочува секојдневно. Проблеми како потрагата по среќа и исполнетост. Главниот лик Адријан Грин, уморен од себедокажувањето и безличното секојдневие, се преселува во Лондон, верувајќи дека ќе му се насмевне среќата. А таа го носи на блиските гробишта, каде што станува администратор. Како во книгава така и во животот, среќата понекогаш се насмевнува на чуден начин – вели издавачот.

Благодарение на Телешпан, добиваме една поинаква, многу храбра и бунтовна книга, која борејќи се против стереотипите успева да ја врати вербата во животот. А за квалитетно издание во огромна мера придонесува нејзиниот преведувач, Ермис Лафазановски, кој автентично ја пренесе приказната, доловувајќи го слободниот литературен израз, што е особено важно во ваков тип книжевност што допира политички и религиозни теми, за кои владеат различни мислења.
Оваа и сите други книги од проектот, секоја со различна тема и секоја со убавината на културата што авторот ја пренел на хартија, еднакво придонесува за убавината на книжевноста – зашто ја наоѓа својата суштината во јазичната, националната, уметничката и, секако, личната разновидност.