Швеѓанецот прескокна 6,19 метри, еден сантиметар повеќе од досегашниот светски рекорд

АТЛЕТСКИ МИТИНГ ВО САЛА ВО БЕЛГРАД

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап во сала на атлетскиот митинг во Белград. Дуплантис прескокна 6,19 метри и со тоа за еден сантиметар го надмина сопствениот светски рекорд. Швеѓанецот прво прескокна 5,61 метри, потоа 5,85, а во договор со својот тренер, откако прескокна шест метри, реши веднаш да оди на нов светски рекорд. Летвичката беше подигната на 6,19 метри, а Дуплантис успеа да ја прескокне во третиот обид.
– Мислам дека се обидов 50 пати на 6,19 метри. Никогаш не сум имал висина што ми создавала толку многу проблеми, па затоа е многу добро чувството. Навистина сум среќен – изјави Дуплантис, пренесе Светската атлетика.
Дуплантис е сопственик и на најдобриот резултат на отворено, остварен на Светското првенство (СП) во Рим во 2020 година, кога прескокна 6,15 метри, а истовремено е европски и олимписки шампион. На СП во Доха во 2019 година го освои сребрениот медал. Во оваа дисциплина за светски рекорд се смета секој резултат, без разлика дали е остварен на отворено или во сала. Дуплантис првпат постави светски рекорд на 8 февруари 2020, со прескокнати 617 см, а седум дена подоцна прескокна еден сантиметар повеќе. Наскоро следува Светското првенство во сала, во Белград, од 18 до 20 март.


СВЕТСКИТЕ РЕКОРДИ НА ДУПЛАНТИС

617 см 8 февруари 2020 г.
618 см 15 февруари 2020 г.
619 см 7 март 2022 г.