Тивкото мнозинство одлучи, реалност е дека референдумот не успеа. Не обидувајте се да ја измените оваа реалност, порача претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето до јавноста.
– Не обидувајте се да ја измените оваа реалност, не потценувајте ја суверената волја на македонскиот народ. Со 36,9 отсто одзив не е волја на народот, туку 63,1 отсто што не излегоа. Реалност е дека референдумот не е успешен. Време е за одговорност. Поддршката за ЕУ и за НАТО од над 80 отсто ја сведовте на само 36,9 отсто. Ги манипулирате и нашите граѓани и нашите европски и евроатлантски партнери. Им пласирате лажни перцепции – кажа Иванов.
Референдумот не е анкета, истакна Иванов, и додаде дека одлуката на граѓаните обврзува.
– На референдумот вие граѓаните непосредно ја остварувате вашата суверена власт. Собранието таа одлука мора да ја почитува – рече Иванов.
Тој додаде дека нема дилеми оти местото на Република Македонија е во ЕУ и во НАТО.
– Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Само така ќе можеме да се справиме со двата големи предизвика. Првиот се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, а вториот одново да се постигне национален консензус за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во бранењето на нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратегиски цели – објасни тој.
Иванов истакна дека очекува од ОБСЕ-ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегуларности на некои избирачки места и го повика владејачкото мнозинство да понесе одговорност за, како што рече, неуспешниот референдум.