Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, изјави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го помина тестот на зрелоста на референдумот и оцени дека зад однесувањето на оваа партија и на претседателот Ѓорге Иванов, всушност се крие обид да се заштитат оние што го прекршиле законот.

– Ми се чини дека ВМРО-ДПМНЕ со своето тактизирање сака да ги заштити луѓето што го прекршиле законот, против кои има истраги и судски постапки – изјави Вајгл.
Тој ја потсетува партијата дека за ЕУ тие прашања мораат да останат во рацете на судството, бидејќи „корупцијата и кршењето закони и насилството во Собрание не можат да се стават на страна“.

Известувачот за Македонија жали што опозицијата и претседателот Иванов не ги ставаат интересите на државата пред оние на партијата.
– Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ падна на тестот на зрелоста и дека тој ангажман на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот не може да се оправда со некои опортунистички аргументи, кои се однесуваат само на односи на сила во политика, а не на иднината на земјата. Кога го создававме Пржинскиот договор сите партии се обврзаа да ги стават своите интереси во заднина и дека ќе се посветат на иднината на земјата – објасни Вајгл.
Според него, премиерот Зоран Заев има легитимитет да продолжи со барање мнозинство за уставните измени во Собрание.

– Фактот што повеќе од 90 отсто од луѓето сметале дека треба го кажат своето мислење за иднината на Македонија е обврзувачки – вели известувачот.
Тој додаде дека сценариото за предвремени избори иако не е најпожелно за ЕУ сепак останува легитимна демократска алатка.

– Јас верувам дека има доста време и за едно и за друго и дека треба да се води сметка за партнерот, грчката влада, бидејќи и таа има временски рокови, што значи дека не смее да се чека на нова влада во Грција. Сѐ треба да се заврши во мандатот на сегашната влада. На крајот, сѐ уште, сум оптимист дека ова добро ќе заврши за Македонија – изјави Вајгл.