Од 2 до 9 март, по пауза од две години поради пандемијата, Струмица повторно живее во ритамот на традиционалниот „Струмички карневал“.
– Нема ништо поубаво од чувството на задоволство поради фактот дека Струмица и струмичани остануваат верни на негувањето на својата вековна традиција под маски. По пауза од две години, овој наш град повторно има причина да се радува и со полни гради да ги живее еднонеделните карневалски свечености – рече градоначалникот Костадин Костадинов.
Претседателот на организацискиот одбор на „Струмичкиот карневал“, Александар Цицимов, го прими клучот во име на карневалистите.
– Свесни сме дека годинава не сме во состојба да ја достигнеме масовноста на „Струмичкиот карневал“, но затоа ќе се обидеме да го надоместиме тоа со убавината на нашите маски – рече Цицимов.
По свеченото отворање во фоајето на центарот за култура „Антон Панов“, беше промовирана монографијата „Струмичко чудо“, на авторите Александар Цицимов и Катерина Милушева, посветена на 30-годишнината од возобновувањето на организираната форма на „Струмичкиот карневал“.
Карневалот ќе се одржи со локални учесници и без карневалски групи од странство, со почитување на заштитните мерки против коронавирусот.
Според Костадинов, одлуката за одржување на годинашната манифестација била по барање на карневалистите, бидејќи неодржувањето на карневалското дефиле може да ги демотивира луѓето што изработуваат маски. Во рамките на манифестацијата се одржа и концерт под маски на учениците од ОМУ „Боро Џони“, а ќе се реализира и фестивалот на афоризам и карикатура.
Карневалското дефиле е вечерва, а карневалските денови во Струмица ќе траат до деветти март, кога почнуваат тримерските празнувања.