На предлог на Министерството за надворешни работи Владата денеска на седница ја усвоила Информацијата за состојбата со граѓаните на Македонија во Украина и потребата за преземање мерки за прифаќање украински државјани кои се приморани да ја напуштат својата држава.
– Согласно одлкуката на Владата, највисоки ресорни институции се задолжуваат во најскоро време да достават информација за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвеност за евентуална бегалска криза – појасни на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
Дополнително, додаде тој, на украинските државјани кои се затекнати во земјава и заради безбедносната состојба не се во можност да се вратат во Украина ќе им се овозможи продолжување на престојот во земјава.
– За тие кои ќе бидат приморани да ја напуштат својата држава, нашите институции ќе обезбедат олеснет влез што подразбира да немаат обврска за поседување негативен ПЦР-тест, од хуманитарни причини – рече Арсовски.
Тој во одговор на новинарско прашање дали има наши државјани кои заминале да војуваат во руско-украинскиот конфликт истакна дека Владата нема такви информации.
Портпаролот Арсовски, прашан да упати порака до граѓаните поради се позачестениот говор на омраза во врска со руско-украинскиот конфликт истакна дека „треба да се осуди она што се случува во Украина со пораката дека Северна Македонија силно го осудува чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина“.
– Оваа воена агресија е несомнено кршење на меѓународното право и закана за евроатланската безбедност. За ова треба да бидат сите свесни и така да се однесуваат – рече Арсовски во одговор на новинарско прашање.