Фудбалерите низ светот се против СП на две години

Истражувањето на ФИФПРО, кое опфати повеќе од 1.000 играчи на шест континенти од повеќе од 70 националности, покажа дека 75 отсто од нив сакаат светските првенства да се играат на четири години, дека само 21 отсто од играчите веруваат оти нивниот глас се почитува, како и оти нивната добросостојба се има предвид кога станува збор за интернационалните фудбалски институции

АНКЕТА НА ФИФПРО

Истражувањето на Синдикатот на фудбалерите (ФИФПРО) и на националните синдикати на играчите покажа дека 75 отсто од нив сакаат светските првенства (СП) да се играат на четири години, наместо на две, како што предлага Светската фудбалска федерација (ФИФА), пишува „Би-би-си“. Истражувањето, кое опфати повеќе од 1.000 играчи на шест континенти од повеќе од 70 националности, покажа дека на повеќето играчи СП и нивната домашна лига им се омилените натпреварувања.
ФИФПРО во соопштението наведува и дека „постои побарување, особено на помалите и на средните пазари, за понатамошно развивање и зајакнување на натпреварите на националните тимови“.
Нешто повеќе од четворица од пет фудбалери (81 отсто) домашната лига и СП на четири години ги рангираат како омилени натпреварувања. Истражувањето на ФИФПРО покажа и дека само 21 отсто од фудбалерите веруваат оти нивниот глас се почитува, како и оти нивната добросостојба се има предвид кога станува збор за интернационалните фудбалски институции.
– Истражувањето покажува дека повеќето фудбалери низ светот јасно претпочитаат светските првенства да се играат на секои четири години. Истовремено, резултатите ја покажуваат важноста на натпреварите во домашните лиги за играчите.

Овие лиги се основата на нашата игра и мораме да направиме повеќе за да ги зајакнеме и за доброто на играчите и за вкупната стабилност на професионалниот фудбал. Оваа анкета ја нагласува потребата од повеќе рамки за колективно договарање во нашата индустрија, особено на меѓународно ниво – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман, пренесе „Би-би-си“.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) планира обновениот календар да стапи во сила од 2024 година, но тој веќе наиде на значителен отпор од Европската фудбалска унија (УЕФА), од Европската клупска асоцијација (ЕКА) и од европските лиги. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, изјави дека европските земји би можеле да ги бојкотираат СП на две години. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во декември изјави дека останува уверен оти може да се постигне консензус околу плановите за ревидираниот календар.