Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд во Велес и на Апелациониот суд во Скопје, со кои порашниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна заради злоупотреба на системот за распределба судски предмети АКМИС.
Директорот на затворот „Скопје“ Филип Андов за МИА потврди дека со одлука на Врховен суд предметот се враќа на повторно судење и на Панчевску му се укинува затворската казна. Во текот на утрешниот ден тој ќе биде пуштен од затворот „Скопје“.
Панчевски кој на 3 февруари годинава почна да ја издржува затворската казна, беше осуден од судот во Велес на три години и шест месеци затвор, а потоа скопска Апелација му ја скрати на две и пол години.
Владимир Панчевски е осуден е бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС системот. Распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаја на Специјалното јавно обвинителство.