По договорот за зголемување на минималната плата, се погласно се бара зголемување и на останатите плати. Дел од синдикатите излегоа со барање да се почитуваат Законот за минимална плата и колективните договори, во спротивно најавуваат радикализирање на идните чекори.
По Синдикатот на УПОЗ, вчера со реакција излезе и Конфедерацијата на слободни синдикати која побара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата во јавниот сектор бидејќи во спротивно, велат, ќе настане хаос и бројот на вработени што ќе земат минимална плата ќе биде многу поголем, а ќе има случаи кога работници на различни позиции по сложеност на работа ќе земаат иста плата.
– Оваа криза не настана пред неколку дена со покачување на минималната плата, туку години наназад со претходните покачувања на минималната плата, со непочитување на Законот за минимална плата и на колективните договори од страна на Владата. Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос – рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Од синдикатот тврдат дека испратиле допис до премиерот и побарале средба со цел да се разговара за надминување на овој проблем, но оти досега немаат повратен одговор.
– Ние му даваме шанса на социјалниот дијалог, но има најразлични барања – директно да се оди на генерален штрајк. Членството се јавува секојдневно, од дента кога беше донесена минималната плата ни се јавуваат да не прашаат дали ќе ги почитуваат колективните договори – рече Ралповски.
Ставот на премиерот Димитар Ковачевски е дека треба да се почитува Законот за минимална плата и во приватниот и во јавниот сектор и секое непочитување да се пријавува кај надлежните институции. Растот на платите треба да важи и за јавниот сектор и тоа треба да произлезе од дијалогот на сите социјални партнери, смета Ковачевски. Зголемувањето на платите во администрацијата, според Ковачевски, треба да оди заедно со зголемувањето на продуктивноста на трудот што крајно ќе резултира со поквалитетни административни услуги испорачани кон граѓаните.
– Кога зборуваме за приватниот сектор тоа важи, меѓутоа тоа е мое лично мислење дека треба да важи и за јавниот сектор, што значи дека кога зборуваме за зголемување на платите, зборуваме за социјален дијалог во кој зборуваме за зголемување на платите, но, исто така и за зголемување на продуктивноста на трудот бидејќи јавниот сектор е платен од даночните обврзници, од сите граѓани и тоа особено од оние кои работат во приватниот сектор и треба и услугите што ги добиваат граѓаните да бидат секогаш од ден во ден, од месец во месец на повисоко ниво – изјави вчера Ковачевски.
Договорот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари беше постигнат во понеделникот, на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет. Трите социјални партнери (синдикатите, работодавачите и Владата) договорија и нова методологија за усогласување на минималната плата кое се прави еднаш годишно.