Синдикалците од УПОЗ во ЛС во Прилеп бараат

Усогласување на минималната плата, почитување на законот за минимална
плата за сите вработени и спроведување на колективниот договор, потпишан во
ЛС, бараат вработените од општина Прилеп – членови на УПОЗ. Тие велат дека
Колективен договор во ЛС е потпишан и сега треба да почне да се применува, но
за жал советниците го кочеле.

– Не ја потпишуваат одлуката за негова примена, со што е крајно неповолна состојбата во државната управа. Системот на плати е по образование и по ниво во ЛС, и сега, Владата несвесно отвори Пандорина кутија која нема да може да ја затвори. Не знам зошто Владата не најде начин и нема слух да го уважи членот 8 од Законот за минимална плата. Колективниот договор кој е на сила, и при тоа го спорат советниците, е во согласност со сите законски решенија – изјави на прес-конференција Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.

Според него, колективниот договор потпишан во ЛС Прилеп е предвесник за решавање на проблемот во сите општини.

– Ако не се примени колективниот договор тогаш се прекршува законот. Непочитувањето претставува кривично дело. Ќе направиме се, вработените да го
остварат правото согласно колективниот договор. Советниците да размислат што
прават – тоа што го гласале да го почитуваат и да им овозможат на вработените
плата за живот, бидејќи синдикалната кошничка е 35.000 денари, а платите на
вработените во ЛС се во просек околу 22 илјади денари. Како ќе се вработуваат
стручни лица во општините – архитекти, инженери со вакви ниски плати – посочи
Деановски.

Според Бошко Талески, претседател на УПОЗ во ЛС Прилеп, имало голема
разлика во исплата на платата.

– Минимална плата е без никаков труд. Не е исто минимална плата во
приватен сектор и во државна администрација, каде за да се вработиш потребна е
диплома, звање, полагање испит…. Нашата синдикална борба е да се почитуваат
колективните права, да бидеме држава за сите – рече Бошко Талески,
претседател на Синдикатот на УПОЗ во Општина Прилеп, на денешната прес-конференција. Ка.М.