Не е изненадување што спортот како атлетиката може да отвори можности за други спортски кариери. Бургард лани во август настапи на ЛОИ, првпат тестираше боб во септември, првата трка беше во ноември, во декември освои две сребра во Светскиот куп, а сега е на ЗОИ, во боб-двосед, со актуелната олимписка шампионка, Јаманка, и таа некогашна атлетичарка
Од стартни блокови во атлетика до боб-санки
За една група атлетичари 2022 година е олимписка година. Сепак, нема да биде како Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани или тоа што следува во Париз во 2024 година. Неколку спортисти ги замениле своите атлетски стартни блокови за боб-санки или за скелетон, со фокус на претстојните Зимски олимписки игри (ЗОИ), во Пекинг, кои почнуваат утре, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Во боб, на пример, каде што брзината и силата се клучни, лесно е да се види зошто многу спринтери, комбинирани натпреварувачи и фрлачи, се префрлаат во тој спорт. Во меѓувреме, неколку нордиски скијачи имаат искуство во трчање на издржливост. Има и атлетичари што настапиле и во брзо лизгање и во скелетон.
Сепак, не е изненадување што спортот како атлетиката, каде што основните принципи на движење се во неговата основа, може да отвори можности за други спортски кариери. СА претстави неколку такви спортисти, една од нив е Александра Бургард. Да се учествува на олимписки игри е големо достигнување, да се квалификувате за две, во два различни спорта во рок од само седум месеци, навистина е нешто друго. Токму тоа го направи Бургард. Згора, таа дури во септември лани првпат се обиде во еден од спортовите. Во август, 27-годишната спринтерка ја претставуваше Германија во атлетските трки на 100 метри (полуфинале) и во штафетата 4х100 метри (петто место) на ЛОИ. Следниот месец таа беше на мразот и почна нејзиното патување со боб. Сега се подготвува да ѝ се придружи на Маријама Јаманка, актуелната олимписка шампионка, и самата поранешна фрлачка на диск и на кладиво, како сопирачка во боб-двосед на ЗОИ 2022. Бургард во почетокот се занимаваше со тенис, а потоа се пресели во атлетика на деветгодишна возраст.
– Имав неколку добри трки, бев на ЕП во сала во 2015 и во 2017 година, но никогаш не можев да го покажам потенцијалот, бидејќи секогаш имаше некоја повреда и никогаш не можев да тренирам како што сакавме – изјави Бургард.
Во минатото ѝ се обратиле на Бургард да се приклучи на боб-тим, но бидејќи атлетиката е нејзината страст, таа секогаш велела не. До лани.
– Сакав да го покажам мојот потенцијал во спринт пред да почнам нова авантура. Но ова лето промени сѐ – објасни таа.
Таа го имаше својот прв тест во боб еден ден пред атлетскиот митинг во Берлин во септември, првата трка во ноември, а во декември, таа и Јаманка освоија двојно сребро од Светскиот куп. Но ова не значи дека Бургард ѝ го врти грбот на атлетиката. Што и да се случи, се надева дека ќе се натпреварува на државниот шампионат во сала подоцна овој месец, пред нејзиниот фокус да се насочи кон сезоната на отворено, која вклучува Светско првенство во Орегон и Европско првенство во Минхен. Иако нејзиното атлетско потекло значи дека има многу од атрибутите потребни за боб (брзина и сила), тоа што е во тој спорт ја научи на работи што може да ги употреби во атлетиката.
– Загревањето е многу тешко, се разбира, бидејќи немате патека во близината на тркачките терени. Но функционира. Спринтерите особено се секогаш многу експлицитни со загревањето и ни требаат часови да се подготвиме за трка на 100 метри. Но тоа ми покажа дека е можно, можеш да се загрееш на минусни температури, на снег, и, сепак, да настапуваш. Тоа ми помогна да бидам поспонтана и пофлексибилна и да ги прифатам работите онакви какви што се – вели таа.
НАТПРЕВАРИ НА ЗОИ 2022 ВИКЕНДОВ
САБОТА: Шест натпревари за медали: биатлон (мешана штафета), крос-кантри (жени, скијатлон), скијање слободен стил (мажи), скијачки скокови (жени), брзо лизгање на кратки патеки (мешана штафета, екипно), брзо лизгање (жени, 3.000 метри).
НЕДЕЛА: Седум натпревари за медали: алпско скијање (спуст, мажи), крос-кантри (скијатлон, мажи), скијање, слободен стил (жени), санкање (мажи, поединечно), сноуборд (жени), скијачки скокови (мажи), брзо лизгање (5.000 м, мажи).