Полицијата вчера контролирала 328 возила што вршат јавен превоз на деца кон училиштата на 104 локации и од сообраќај исклучила 23 возила поради техничка неисправност и други констатирани недоследности, информираа од МВР.
За време на контролата спроведена на целата територија на државата во периодот од 6.30 до 9.30 часот, биле утврдени 24 кривични дела во врска со вршење јавен превоз без соодветна лиценца и 68 прекршоци што произлегуваат од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за возилата, Законот за заштита на населението од заразни болести.
По документирање на случаите, против сите одговорни лица што сториле каков било прекршок или кривично дело ќе биде поднесена соодветна прекршочна или кривична пријава, појаснуваат надлежните институции.