Ние, родителите на учениците од шестите одделенија одлучивме дека бојкотот на
наставата/часовите по математика останува на сила и ќе продолжи се додека наставничката целосно не се изземе од часовите на нашите деца и да се исклучи од наставата и секаков контакт со учениците, се вели во соопштението на советот на родители од скопското основно училиште „Љубен Лапе“ испратено до медиумите, по оставката на директорката на училиштето, најавата за инспекциски надзор од страна на ДПИ и поставувањето на нов в.д. директор. Во „Љубен Лапе“ се спроведува бојкот на наставата во шестите одделенија, поради незадоволството на родителите и учениците од однесувањето и работењето на наставничка по математика. Во реакцијата родителите се жалат на обид за попречување на бојкотот на наставата.
– Дoполнително сакаме да ве информираме дека вчера за време на бојкотот на часовите од страна на учениците од одделенијата VI-2, VI-4 и VI-5 кој е уредно најавен на училиштето, на класните раководители и стручната служба на училиштето и одобрен со согласност од сите родители на учениците од претходно наведените одделенија, друг предметен наставник по математика, колешка на наставничката против која е поведена постапка (а која е член на дисциплинската комисија), од неразбирливи причини за нас, а можеби познати за неа, свесно го попречи бојкотот, обраќајќи се на висок тон со упатување закани кон родителот кој бил уредно овластен од сите други родители да биде присутен со децата во просториите на училиштето за време на бојкот. Воедно, истапувајќи надвор од нејзините ингеренции и должности, без одобрение на директорот и стручната служба на училиштето, не почитувајќи ја хиерархиската поставеност на
работа и одлучување, повикала полиција на интервенција за што по пријавата е уредно составен записник од страна на службени лица на МВР. Ваквото постапување е надвор од нејзините ингеренции, односно тоа е законска и статутарна обврска на директорот и стручните служби, согласно хиерархиската поставеност на одлучување во училиштето, а притоа оваа наставничка и нивниот работен процес не е попречен, ниту загрозен, ниту пак е упатено и направено било какво лично обраќање кон неа и одлуката на родителите не ја засегаат лично како наставник, но очигледно ја засега “грижата” и „заштита” на неодговорното и против законско постапување на нејзината друга колешка по математика, а воедно и правење на своевиден притисок и заплашување
кон родителите – велат родителите.
Тие бараат да се преземат итни мерки поради последните случувања.
– Бараме преземање на итни мерки против ваквото недолично однесување и несоодветен тон на комуникација и закани кон наставничката од денешниот настан и нејзино изземање од член на дисциплинската комисија, заради очигледно заземање на страна во постапката, наместо реално и фактичко утврдување на состојбите – се вели во соопштението.
По инцидентот утрово, одржана е средба со ново именуваната в.д. директорка и двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат. Во училиштето се прават одредени напори, но истовремено и нелогични опструкции од дел од наставниците и попречување на решавањето на овој многу горлив проблем за учениците. Потенцираме, нашата примарна цел не е да се создаваат нови проблеми, туку конечно да се погледне директно во проблемот кој постои во училиштето. На никој не е во прилог нарушување на угледот на училиштето кој и така премногу е веќе нарушен од вакви
појави во изминатите години. Ако колективот на училиштето беше, или е толку солидарен со наставничката, тогаш немаше со години да го игнорираат и прикриваат нејзиниот проблем, да креваат раменици без никакви преземени конкретни постапки и да се држат настрана и крајно незаинтересирано да се однесуваат кога треба да се заштитат децата и нивниот интерес. Сите сме свесни и одговорни родители, ниту еден од нас не е бесчувствителен, ниту пак сакаме некој да остане без работа. Бараме заштита за нашите деца, квалитетен образовен процес и систем и заштита на нивното основно уставно загарантирано право-образование, ништо повеќе од ова – порачуваат родителите.
Потписниците на писмото ги демантираат и изјавите на поранешната директорка, истакнувајќи дека проблемот постои веќе пет години.
– Цениме дека е потребно и јавно и доследно да ја демантираме денешната изјава на поранешната директорка на училиштето, дека направила се што е во нејзините надлежности. Проблемот постои најмалку 5 години наназад, а интензивно неколку месеци наназад од септември 2021 година преку Советот на родители, а од ноември 2021 година и со писмени материјали се документирани бројни претставки, барања, петиции, пријави и иницијативи по кои до ден денес не добивме никаков одговор, освен официјален одговор пратен до родителите преку класните раководители дека наставничката по математика во второто полугодие нема да одржува настава, но како што е видно за нас и за целата јавност, ретерираше од истото и не го спроведе. Таа свесно и тенденциозно ги чуваше нашите барања упатени до Училишниот одбор и ги доставуваше до членовите со доцнење дури и цел месец, заради истекување на статутарните рокови. Бевме отворени за разговор и се уште сме, со цел изнаоѓање на решение на проблемот кој ќе ги задоволи сите засегнати. Записнички е документирано и јавно кажано дека нашата цел не беше директорката и нејзиното менување, кое е последица на нејзината неспособност или можеби незнаење, да изнајде соодветно решение за проблемот. Нашата цел е конечен прекин на несанкционирње на наставниот
кадар кој излегува од своите ингеренции и надлежности и кој грубо ги прекршува сите законски и подзаконски акти кои ја регулираат оваа дејност и според кои се одвива образовниот процес. Ние сме доследни и одлучни и ќе останеме такви – нагласуваат родителите.
Преку соопштението се обидуваат да ги охрабрат и останатите родители, откако дел од нив зборуваа со медиумите за проблемите со кои се соочувале.
– Ги поздравуваме родителите кои денеска излегоа во медиумите со свои сведоштва за проблемите со кои се соочувале во минатото со истата наставничка. Апелираме да се охрабрат и останатите! Да не се повтори никогаш повеќе! За учениците! За здрав образовен систем! За градење здраво општетство – се заклучува во соопштението