За оние што бегале од часови по историја…

Кога сме кај вистините, деновиве гледав една од емисиите на бугарскиот канал што се емитува и кај нас, во стилот на агитпроп. Но сега веќе змијата влезе под пазуви и ќе ја трпиме. Имено, во една од емисиите од бескрајната низа пропагандни памфлети,
група бугарски научници со сите сили се трудеа да докажат дека Делчев е Бугарин, а еден од главните аргументи им беше дека тој кога отишол да учи средно училиште во Солун не заминал во грчката гимназија туку отишол во егзархиската. Ах, што нема да чуе човек!?

На денешен ден, пред 150 години се роди човекот, кој уште за својот краток живот стана легенда. Гоце Делчев. Име што уште додека бил жив, се спомнувало низ напатените македонски градови и села со почит, но и со надеж дека токму тој е човекот што ќе ја донесе слободата: за македонскиот народ, за територијата на која живее тој народ, за посебноста и уникатноста, за македонскиот јазик преку кој генерации раскажувале приказни од нашата историја, вистини и легенди, и ја пренесувале уникатната култура и нашите народни белези и особености.
Многубројни се приказните за Гоцета, од кои повеќето се граничат со возможното, опеан е во народни песни, а усните преданија се пренесувале и долги години по неговата не докрај разјаснета смрт. Она што е единствено извесно е дека и Делчев го снашла класичната македонска судбина – бил предаден од некој свој, од некој одроден душман, кој за грст златници си ја продал душата на оние што не му мислеле добро на Македонецот.
И каква иронија. Денес, 150 години подоцна, повторно некој го распродава Гоцета. Како да е тоа некоја детска играчка или, пак, стока за зелениот пазар, без многу размислување (иако Стојанче Ангелов ја убедува јавноста дека нашите мудри државници не ги носат одлуките прекуноќ, туку тие имаат стотина советници), нашите водачи се согласија заеднички да го славиме Делчев војвода. И тоа со кого? Со Бугарите. Машала.
Првата помисла што му доаѓа на човек е наједноставната – па да беше Делчев Бугарин, зарем ќе дозволеа Бугарите пред 76 години неговите мошти да бидат префрлени во Македонија, од Бугарија? Секој јунак, водач, си доаѓа во своето јато. И за време на животот и во смртта. Овој јунак е македонски, се роди, живееше и по смртта се врати во Македонија. Не во Бугарија или за Бугарија.
Но денес очигледно важат некои нови закони, некои нови историски вистини се пишуваат, па нашите деца, внуци, очигледно дека ќе мора да се приспособуваат на тие вистини?!

А кога сме кај вистините, деновиве гледав една од емисиите на бугарскиот канал што се емитува и кај нас, а кој така гордо и со невидена радост ни го најавија нашите водачи, без воопшто да знаат за што се работи. Но сега веќе змијата влезе под пазуви и ќе ја трпиме. Имено, во една од емисиите од бескрајната низа пропагандни памфлети, група бугарски научници со сите сили се трудеа да докажат дека Делчев е Бугарин, а еден од главните аргументи им беше дека тој кога отишол да учи средно училиште во Солун не заминал во грчката гимназија туку отишол во егзархиската. Што нема да чуе човек.
Ама, добро е, нели учиме додека сме живи, па белки ќе научиме и како „исправно“, по нивно да ја толкуваме историјата. Ние де, неуките.
За почеток, денес во ист строј со соседите да им се поклониме на моштите на војводата. А ние додека се поклонуваме, можеби нашите вредни политичари, во содејство со своите бугарски колеги, веројатно ќе ја избистрат политиката и ќе ни кажат дека Делчев бил Бугарин, ама малку и небугарин, а во тоа малкуто можеби има нешто што подоцна, тоа дури по 1944 г., оти претходно и го немало, можеби може да се толкува како Македонец. Што е добро за почеток, нели? Оти тоа, ете, ќе ни ја подотвори завесата, за да ја видиме вратата кон Европа. Што е одлично. За некоја година ќе ни ја тргнат завесата, а за 20-30 години можеби ќе ни ја подотворат и вратата. Што е одличен успех, оти само така се оди напред, кон светлата иднина, кон Европа на нашите соништа.

Секој јунак, водач, си доаѓа во своето јато. И за време на животот и во смртта. Овој јунак е македонски, се роди, живееше и по смртта се врати во Македонија. Не во Бугарија или за Бугарија

Но да се разбудиме од сонот, колку и да е тој убав. Денес сме овде и се чудиме на постапките и одлуките на луѓето што очигледно бегале од часовите по историја, а нивните родители, нивните баби и дедовци никогаш не им зборувале за нашето минато, никогаш не им запеале некоја стара македонска песна за да им го всадат патриотизмот во душата уште од мали нозе. Оти човек ако не си ја сака својата земја, својот народ, својот корен, тогаш…
И да не испадне дека само ние што, нели, не ги разбираме работите имаме нешто против актуелните политики во врска со македонско-бугарските односи, би сакал да се навратам на зборовите на копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји, Драги Ѓоргиев. Човекот што толку време се обидуваше да најде решение за нерешливиот проблем што го постави на масата дневната политика, со право реагира поради апсурдноста во која се најде и самата комисија. „Ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување, тогаш која е целта на самата комисија? Што треба таа комисија да направи во однос на Гоце Делчев, ако веќе самите политичари се договориле да го слават Гоце Делчев заедно?“, вели Ѓорѓиев. Некој веќе се надоврза потсмешливо: Што сега, се предаваме или ќе бегаме?!
И што повеќе да се додаде на ова? „Ме изеде туѓиот срам“ вели една поговорка. Но Човек се пишува со големо ч. А некој згрешил при изборот на гимназијата и влегол во друга графа на историјата.