Распоредувањето на американски војници во Европа е доказ дека Русија има причина за загриженост, изјави за „Си-ен-ен“ портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– САД де факто продолжуваат да ги креваат тензиите во Европа – рече Песков, а пренесе ТАС С.
Тој оцени дека распоредувањето војници „е најдобар доказ дека Русија има очигледна причина за загриженост“.
Пентагон претходно објави дека 2.000 американски војници ќе бидат испратени од Северна Каролина во Полска и Германија, а уште 1.000 војници, кои веќе се во Германија, ќе бидат префрлени во Романија.
САД ќе го зголемат својот контингент во Источна Европа за најмалку 3.000 војници, во услови на криза во односите меѓу западните сојузници и Русија, но американските војници нема да учествуваат во борбите на украинска територија доколку тоа се случи, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
– Претседателот стави до знаење дека во случај на нова инвазија на руските сили на Украина, американските сили нема да бидат ангажирани на теренот, во борбите во Украина. Тој го кажа тоа многу јасно. Меѓутоа, во исто време, беше јасно дека имаме обврска кон нашите сојузници во НАТО, да се погрижиме да го поддржиме членот 5. Затоа, ги разгледуваме опциите да помогнеме во зајакнувањето на Алијансата на нејзината источна граница – изјави Кирби за Гласот на Америка.
Тоа, како што утврди, ја докажува посветеноста на американските обврски во рамките на НАТО.
Кирби рече дека неколку пратки пристигнале од Украина во Соединетите држави, врз основа на одобрението на претседателот во декември минатата година.
– Ќе има уште и се обидуваме да ги забрзаме идните испораки на опрема и помош за Украина. Станува збор за оружје, но и за друга опрема: противтенковски ракети, мало вооружување и муниција, како и други видови поддршка за украинските вооружени сили – рече Кирби.
Тој посочи дека помошта не ја испраќаат само САД, туку и Британците и некои балтички држави.