Често децата, кои поради што било се поразлични од другите, се отфрлени, како да не се од оваа планета. Токму затоа главниот лик на овој стрип е Марсовец што е поразличен од децата, но ги има истите проблеми како и тие. Ликовите се дизајнирани да бидат многу едноставни, за да бидат лесно прифатливи, вели Славица

Серија стрипови од младата уметница Славица Танеска во „Колибри“

Сите овие години „Колибри“ има верни пријатели, а една од нив е младата ликовна уметница Славица Танеска. Таа неодамна дипломира на Ликовната академија во Скопје, и тоа прва во генерацијата, а веќе се запиша и на постдипломски студии. Но тоа не ја спречува да подготвува и да одржува изложби, па така минатата година ја заокружи со својата шеста самостојна изложба, која ѝ ја овозможи факултетот бидејќи е добитничка на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“.
– На изложбата беа претставени главно акварели, а тематски имаше поделеност на апстрактни и на фигуративни дела. За годинава планирам повторно да се претставам со самостојна изложба во галеријата „Ко-Ра“, каде што наскоро ќе бидам дел од групната изложба „Танго“. А што се однесува до магистерските студии, целта ми е да ги спојам сите мои знаења и да направам еден целосен проект, кој ќе биде доста содржаен со тоа што за тема земам проблематика што е безвременска, која содржи борби и трансформации. Ментор на мојата магистерска е проф. Благоја Маневски во чија класа го завршив и првиот циклус на студиите – вели Славица Танеска.
Поради сите нејзини успеси, ние се гордееме што уште од шесто одделение ја следиме на нашите страници и пишуваме за нејзините успеси.

– Голема чести ми е што многу години соработувам со „Колибри“. Прво како една талентирана ученичка од шесто одделение, која беше препознаена во „Нова Македонија“ од новинарката Марија Таушанска, која прва напиша за мене во национален весник, а сега ја имам честа да бидам соработник на „Колибри“. Јас, иако сум сликарка, го имам положено и педагошкиот блок предмети на факултетот. Сите педагошки предмети ги учев со голем интерес и разбирање, со цел знаењата стекнати од овие предмети во иднина да ги применувам – ни откри оваа талентирана и амбициозна млада девојка, за која по сѐ изгледа не постојат граници.
Минатата година, како што ни рече, во периодот кога светот беше заклучен поради пандемијата на коронавирусот, таа го создаде својот стрип-херој Марсо Марсоски.
– Создавањето на мојот стрип е начин како да допрам на најмладата публика, со цел стрипот да има воспитно влијание, а и да ги насмеам најмалите, со некои ситуации што се блиски за нив. Главниот лик на овој стрип е Марсо, а се појавуваат и неговите пријатели: кучето, неговата пријателка Марсела и бабата на Марсо. Често децата, кои поради што било се поразлични од другите, се отфрлени, како да не се од оваа планета. Токму затоа главниот лик на овој стрип е Марсовец што е поразличен од децата, но ги има истите проблеми како и тие. Ликовите се дизајнирани да бидат многу едноставни, за да бидат лесно приемчиви – ни рече Танеска.
Ќе ви откриеме за уште една нејзина поврзаност со „Колибри“, Славица е авторка на сликата со птиците колибри, направена во техниката акварел, што се најде на првиот број на списанието „Колибри+“.

 

– Птиците како тема започнав да ги работам многу спонтано, како задача во Средното уметничко училиште, која немаше повисока цел, освен да направиме неколку слики во мал формат на кој ќе бидат претставени птици. Но кај мене интересот не престана со завршувањето на задачата. Прво направив циклус на слики со мал формат птици. На мое огромно задоволство, една од тие слики се најде на насловната страница на првиот број на списанието „Колибри+“. Понатаму работата на птици ме донесе до петлите, кои понатаму почнав да ги претставувам во борби, нешто што е специфично за Мексико или Уругвај, каде што се организираат борби на петли.

А на крајот стигнав до заклучокот дека петелот може да биде само симбол што се појавува во сликите, а не основно значење на претставата и дека преку борбите на петлите може да се претстават и да се посочи и кон негативните борби во животот.
Оттука произлезе темата за мојата дипломска работа „Борба без победник“, каде што петлите се само симболи, птици што будат и кои треба да нѐ разбудат од она во што е западнато човештвото, постојаното создавање борби – вели младата сликарка.
Таа дополни дека е среќна што нејзините соништа и желби се остваруваат една по една.
– Привилегија е да се работи професијата што си ја сакал уште од детството. Свесна сум дека не сите ја имале таа можност сами да си ја одберат професијата што ја сакаат. Но тука е заслугата на родителите, мојата мајка Светлана и мојот татко Драги Танески, на кои сум им многу благодарна и ним им ја посветив и мојата прва книга „Траги на времето“, во кој беа застапени 100 цртежи со градби од 50 села во брсјачкиот крај, која беше многу забележана од публиката – ни рече таа.
На Славица ѝ посакуваме големи успеси, не само во нашата земја туку и надвор од неа. А вие, драги деца, од денеска уживајте во другарувањето со Марсо Марсоски.