Со 90 пратеници, за четири години ќе се заштедат пари за две училишта, четири градинки или една амбуланта, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– За 4 години со Собрание со 90 пратеници, што е за 30 пратеника помалку од сега ќе се заштедат околу 4 милиони евра. Тоа се пари кои наместо во плаќање на функционери со разни привилегии ќе се насочат кон народот. За само 4 години со 90 пратеници, 2 општини низ државата можат да добија по едно ново училиште. За 4 години со 90 пратеници, 4 општини ќе добијат по една градинка. Додека за истиот период може да се изгради и нова амбуланта – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека со 90 пратеника на долг рок се крати на трошоци и се добиваат повеќе средства за инвестиции.
Лицемерно е барањето за помалку пратеници во Собранието, реагира владејачката партија
Лицемерно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за помалку пратеници во составот на Собранието, тоа е истата партија која со години трошеше пари и организираше избори за дополнителни три пратеници во дијаспората, реагира СДСМ.
Од владејачката партија велат дека за своите барања за предвремени избори и укинување на техничката влада, Мицкоски не може да се договори ниту во сопствената коалиција, затоа што Алијанса за Албанците не прифаќа укинување на техничката Влада.
– Мицкоски е уплашен затоа што неговите градоначалници ништо не работат и ја губат довербата од граѓаните, па затоа постојано ја малтретитра јавноста со барања за предвремени избори. Во време на криза, институциите треба да се посветат на работа и проекти, граѓаните се уморни од избори и очекуваат конкретни решенија а не нови избори со кои системот ќе застане – велат од СДСМ.
Партијата повтори дека избори ќе има во редовниот термин, во 2024 година.