Уметноста и културата како генератор на општествениот и стопанскиот развој

Што се случува со културата во Македонија, но во оној македонскиот културен дел од пеколот, е комплексно прашање, кое бара одговори веднаш, тука и сега. Драги мои, културата никогаш и никаде не била само прашање што ги засега само оние поединци и групи што се нарекувале уметнички и биле во потрага по средства, по пари за создавање творештво и општествен простор за презентација и дијалог на публиката, на општеството со нив и со нивните дела. Дури и во времето кога уметноста, творците воопшто се финансирале според системот на нарачки или меценаштво, од антиката па до денес, тоа творештво не било предмет на творечка стихија или само можност за задоволување на личните егоистични потреби на уметникот за себеизразување. Нема таква работа, драги мои.
Уметноста отсекогаш била лична работа на еден човек или мала група во потрага по аудиториум и простор каде што таа уметност ќе може да биде споделена со што е можно повеќе членови на заедницата, ако може со сите, што за тие уметници и творци е најголемиот успех. Тоа творештво, дури и кога се создава во осаменост, што е природна средина и природна состојба на уметникот, има една и единствена крајна цел, да излезе од работилницата на творецот и да биде споделено со јавноста и јавно. Не знам зошто мислите дека има друга крајна намера кај непознатите уметници од Алтамира, преку Хесиод, Хомер и Еврипид до Фидија на пример, низ Рафаело, Микеланџело, Да Винчи и Челини во средниот век, кај нашите браќа Астрапади Михаило и Ефтихие, па до сите оние модернисти композитори, сликари и писатели и најнакрај со Личеноски во Македонија, па до Диего Ривера и Марина Абрамовиќ во Аргентина, Србија и САД, ако сакате. Сите тие на крајот го изложуваат, покажуваат, го разменуваат со публиката тоа што го создавале дури и како производ на оној со ништо необјаснив и недефиниран творечки глад, својствен за уметниците, отсекогаш и насекаде. Не знам зошто мислите дека сите оние мозаици, фрески, мурали, статуи, слики во различни техники, грнчарски, дрвени и метални производи, минијатурни и масовни вајарски дела од камен или синтетика немале крајна цел од интимни и лични да станат јавни и популарни? Оставете ги суетите и јавните говори на уметниците. Има една вистина. Уметникот и неговото уметничко дело не постојат без моментот на нивно изложување пред јавноста. Дури и оние уметници што зборуваат и пишуваат за личната потреба од уметност, треперат пред судот на публиката, макар таа публика да биде составена од еден човек или од сто милиони луѓе. Така било отсекогаш, но денес, кога Маршал Меклуан е насекаде околу нас со неговата идеја за светот како глобално село, сите облици на творештво, на уметност ако сакате, се предмет на покажување пред светот. И тоа е така дури кога и физички, кога кој било човек од кој било крај на светот може за неколку илјади долари може да седне во авион и да отпатува на кое било катче на планетата и да ги види и доживее тие творби во музеите на отворено, како археолошки и туристички локалитети, или виртуелно на интернет, тука и сега, дури и во оној момент кога ќе посака да консумира уметност и култура.

Останува фактот дека, и покрај неограничените можности за консумација на уметноста и културата непосредно, преку медиуми во тврда или виртуелна форма, луѓето од сите краеви на светот никогаш не патувале повеќе и во поголем број до оние дестинации и места каде што се изложени делата на уметноста и културата. Гледате што се случува насекаде околу нас. Туристи, типично облечени, со типични реквизити во типична потрага по доживување на локалната уметност и култура, која никаде не се сведува само на посета на музеи и археолошки локалитети или единствени и ретки природни појави и феномени, за што дополнително ќе пишувам во овие продолженија. Сте се прашале ли, на пример, зошто Грција, која е најстарата и најразвиена капиталистичка држава на Балканот, која била и единствена членка на НАТО и ЕУ, не развила автомобилска индустрија, рударство, металургија или други индустрии за масовно производство на предмети за широка потрошувачка? Прашајте се. Сте се запрашале ли зошто ние, и покрај сите напори, не успеваме да го направиме тоа и да создадеме каква таква, дури и сервисна индустрија на производство на делови од цели производи со која ќе може да остваруваме приход и ќе се развиваме како држава и нација? Сте се прашале ли? Ако си го поставите тоа прашање, ќе дојдете до исклучително прости и точни одговори. Ние тоа сме го правеле некогаш и сега немаме потенцијал за тоа. Имате ли можеби идеја како на еден огромен медитерански азиски простор од Авганистан на исток до Дунав на запад наоѓаме во земјините слоеви грнчарија, предмети и монети за кои е сосема јасно дека се произведени во една работилница, во едно место, во една држава. Масовното производство на производи на грнчарски и метални уметнички дела, како форма на масовно производство, и нивниот извоз се првата индустрија на планетата Земја што се развила во древна Елада, особено во Атина, и била моторот на трговијата, а со тоа и на развојот на целиот полис во форма град држава. Утврдувањето на Атина како град што е центар на светот е направено во моментот кога се вмрежени во еден единствен систем сите уметнички форми и жанрови во една општа институција на културата, во која дел била и религијата, односно храмовите каде што верниците ги практикувале своите религиозни потреби и ја создавале нивната врска со боговите. По тој пример е востановен Рим, а од тој момент натаму таа идеја за вмрежување на уметностите со цел создавање посебна, оригинална и единствена културна средина што ќе ги стимулира граѓаните на тоа место да останат и да живеат таму декларирајќи го јавно просперитетот што се протежира, но и имплементирање механизам што ќе привлекува други да одат и да го посетат полисот-држава, повремено, привремено или засекогаш. Тоа е формата на организирање и функционирање на Париз, Лондон, Мадрид, Барселона, а особено градовите на комонвелтот во Австралија, Канада, Нов Зеланд и градовите во Соединетите Американски Држави. Тоа е така затоа што сосема е јасно, единствениот разумен и важен потенцијал на секој полис-држава се луѓето, односно човекот. А ние сме во фаза на губење на тој единствен потенцијал што го гарантира опстанокот, а откако ќе опстанеме човекот е единствениот потенцијал за каков било развој и иднина.

Дали тоа значи дека културата како институционална форма на организација на уметничките видови содејствува во процесот на утврдување на заедницата? Секако, но за тоа подоцна. Не знам каде ни отиде знаењето за тоа како и зошто е создаден Константинопол и зошто била толкава посветеноста од Константин до Јустинијан за собирање (станува збор за пљачка, за крадење, нели?) од сите страни на светот на сите важни уметнички факти и нивно јавно изложување по улиците и плоштадите на градот, на полисот, со цели што веќе ги утврдивме – разубавување на животната средина за внатрешни потреби на граѓаните и задоволување на консумативните потреби за уметност. Но и за привлекување на сега веќе дефинираните намерници како туристи што доаѓаат заради уметност, која поттикнува општ развој прво на трговијата, а потоа и на целата економија на полисот. Што правеле конквискадорите? Што правеле Англичаните по светот? Што правел Бонапарта? Сите тие краделе факти на уметноста и културата од други земји, ги носеле во нивните градови и ги изложувале јавно на улиците и плоштадите, а подоцна и во музеите. Ете го светското уметничко и културно богатство по плоштадите, во витрините и салите на светските музеи по градовите на Западот. Нема сега да ви кажам ништо ново, драги мои, со фразата историјата на светот се повторува. Светот е динамично, место во постојано движење, сепак во круг. Метафизички и природни се причините за тоа, почнувајќи од формите на универзумот до формата на планетарниот систем и нашата планета и нејзиното движење во постојан и бескраен круг. Во овој момент човештвото повторно се враќа на античките форми на организирано живеење внатре во рамките на еден град, на еден полис, во форма на државно уредување. Селата одумираат како место за организирано човечко живеење и ќе бидат само стопански структури. Малите градови исто одумираат и нивните жители се селат во големите градови-полиси. Тоа било случај и со средниот век, особено по распадот и поделбата на Рим, кога градовите стануваат основните државни форми. Нема како да не се соочиме со фактот дека тој процес е интензивен во Македонија. И ќе се засилува со многу брзо темпо. Македонија ќе остане со дваесетина града, кои ќе бидат центри интегрирани самите во себе, со мали и лабави врски со централната држава. Нешто од тоа ќе биде за арно, а нешто и за зло. Но мојата намера е доброто, како од тоа да направиме општо добро за тие градови и за општата држава. Да бидам искрен, владата на Никола Груевски го започна тој процес со проектот „Скопје 2014“. И сето тоа е по примерот на сите оние други градови што сакале да излезат од општото дефинирање како општ главен град во „полис“, со своја посебна, оригинална и единствена културна целина. Секако дека јавната дебата за тоа како ќе се дооформи следната фаза од проектот „Скопје полис“ треба да се интензивира, да се институционализира и, најпосле, да се остави простор и за нови идеи, со кои нема како сите да се согласиме, нели.

Знаете какви биле дебатите за градењето на Ајфеловата кула во Париз или Бранденбуршката капија во Берлин, или што сѐ се случувало околу изборот на место и урбанистичко-архитектонското дефинирање на Санкт Петербург, на пример? Да не спомнувам сега што мислеле огромното мнозинство православни Грци во Атина во врска со обновувањето на старите и изградбата на новите „пагански ѓубриња“, како што ги нарекувале сите оние градби инспирирани од древните пантеони и базилики. Јас сум еден од големите поддржувачи на проектот „Град Скопје како културен центар на Македонија“ и убеден сум дека ова што како основа го постави таа поранешна влада на Македонија, набрзо ќе биде дополнето и реорганизирано во Скопје како културно и цивилизациско средиште, кое ќе ја афирмира нацијата и ќе го поттикне и еманира вкупниот општествен развој на државата. Но она што треба да биде суштина на проектот „Скопје полис“ е да ги поттикне и другите градови да се реоформат во единствени урбанистички, архитектонски и културни целини, екстериерно, во нивната визуелна присутност, но и во нивната организираност преку вмрежување на сите комплементарни уметности во една целина во форма на организирана културна презентација на македонското уметничко богатство. Иднината е во синтетизирање и изложување на тоа богатство на улиците и плоштадите, во градбите и спомениците од историјата низ градовите на Македонија, во музеите, на археолошките локалитети до природните убавини и феномени, па до институциите на државата, центрите за култура, училиштата и универзитетите и најпрво и на крајот од сѐ во туризмот како гранка на индустријата, која, да не се лажеме, има најголем потенцијал за развој. Не знам ниту една друга гранка, освен туризмот, ставена во заемна врска со културата и уметноста и моќта на природата преку храната и традицијата како уникатна врска со минатото, сегашноста и иднината може да го поттикне вкупниот економски развој. Најпосле, кажете ми по што ги идентификуваат Македонија и Македонците во светот? М? Јапонци пеат македонска музика и консумираат македонска уметност и храна. Нели е сосема јасно што треба да се прави?

Авторот е режисер и универзитетски професор