Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, поранешен светски шампион во бокс, ја обвини германската влада за предавство на пријател затоа што одбилa испорака на оружје во Украина. Во меѓувреме, САД и Велика Британија повлекуваат дел од своите државјани од Киев, пишува „Дојче веле“ во денешниот текст.
– Милијардите што Русија ги вложи во лобисти, поранешни политичари и германски концерни му се исплатеа на Владимир Путин – пишува германскиот весник „Билд“ цитирајќи го поранешниот боксерски шампион, а сега градоначалник на Киев, Виталиј Кличко (50). Најтиражниот германски весник наведува дека Украина не е само разочарана од одбивањето да се испорача оружје, туку и од фактот дека германската влада продолжува да го поддржува проектот „Северен тек 2“ и во исто време се обидува да одврати некои земји, како Естонија, од испораката на оружје за Украина.
Кличко, кој е многу познат во Германија, каде што направи голема спортска кариера, во интервјуто за „Билд“ не го крие разочарувањето од попустливоста на германската влада кон Русија.
– Тоа е одбивање да се укаже прва помош и предавство на пријателите во драматична ситуација, во која нашите граници се загрозени од присуството на руски војници. Многумина се прашуваат на чија страна е германската влада. На страната на слободата, односно за Украина, или на страната на агресорот – рече Кличко.
Кличко вели дека Германија треба да се погрижи законски да им забрани на лобистите, како поранешниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер (77), да работат за рускиот режим.
– За жал, несфатливите изјави на германскиот вицеадмирал за Русија и Путин покажуваат дека и други носители на важни должности во Германија страдаат од тотален недостиг на чувство за реалност – вели Кличко.
„Билд“ потсетува дека командантот на германската морнарица и вицеадмирал, Кеј-Ахим Шенбах, мораше да поднесе оставка поради својот говор на една манифестација во Индија, во кој се изјаснил во корист на Путин.