Илиќ, кој по вокација е правник, беше меѓу првите членови во новоформираниот клуб за боречки спортови Пелистер од Битола во 1969 година. Тој беше и првиот аикидо-мајстор во Македонија, а работејќи како тренер, низ негови раце минаа стотици џудисти, каратисти и аикидо-спортисти. За сите заслуги во боречките спортови, тој се најде и во Куќата на славните

Трагајќи по легендите на македонскиот спорт, особено оние што не потекнуваат од Скопје, каде што е најголемата концентрација на истакнатите спортисти, низ разговор со колегата Димче Миновски од Битола, кого посебно го ценам и со кого ги делиме искуствата повеќе од 50 години поминати во новинарството, ми предложи да снимам емисија за битолчанецот Ѓуро Илиќ. Знаев дека тој потекува од боречките спортови, но некои други поконкретни работи за него немав. Токму тој факт што не бев упатен во неговата кариера, за мене беше предизвик да се сретнам со Илиќ и изворно да се запознаам со неговата кариера. Да бидам искрен, бев изненаден од знаењето што беше акумулирано кај него речиси за сите боречки спортови. Иако јас своевремено професионално ги следев овие спортови, од Илиќ дознав многу други работи, како, на пример, дека токму тој бил првиот што ја промовирал аикидо- вештината на овие наши простори и бил првиот наш аикидо-мајстор.

КИМОНОТО МЕ ОСВОИ

Приказната за вклучувањето во спортот за Илиќ почнува од далечната 1967 година, кога од Битола одел во посета кај роднините во Белград.
– Јас сум битолчанец и Македонец по мајка, а по татко влечам српски корени. Имав многу роднини во Белград, па тие постојано го канеа нашето семејство да одиме кај нив, како што ние ги каневме да доаѓаат кај нас во Битола, за да ги одржуваме роднинските врски. Така, во тие мои чести одења во Белград, еден ден, барајќи разонода и нешто возбудливо, патот ме одведе во салата за џудо и за карате. Овие два спорта беа многу развиени во поранешната престолнина на државата и оттука потекнуваа многу шампиони. Често тренинзите ги одржуваа и браќата Јорга, на кои не им беше тешко од Нови Сад да доаѓаат во Белград и да ги тренираат младите вљубеници во боречките вештини. Од првиот момент, од влегувањето во салата, бев импресиониран од она што го видов и посакав и јас да го облечам кимоното и да почнам да се занимавам со џудо, карате или со некоја друга вештина. Оттогаш кимоното ми стана неразделен дел од мојата спортска опрема, да речам дека, ете, тоа ме освои. Ми стана јасно дека веќе повлекување нема и од првиот пат, откако дојдов од Белград и влегов во салата на ДТВ Партизан во Битола, до денешен ден им останав верен на кимоното и на боречките спортови – вели Илиќ.
Инаку, во тој период во Македонија каратето беше во развој, а џудото имаше подолга традиција и практично од него многу спортисти почнаа да ја практикуваат новата вештина, која брзо ги освојуваше и во која почнаа да постигнуваат добри резултати.
– Мене, да бидам искрен, џудото многу ме привлекуваше, дури и ме фасцинираше, зашто во него лежат основите за оние други боречки спортови и вештини што подоцна почнаа да се јавуваат, а чии корени беа на Далечниот Исток – вели тој.
Интересирањето за каратето и џудото меѓу младите во Битола беше многу големо, па тука лежи и причината што во рамките на ДТВ Партизан во 1960 година беше формиран клуб за боречки спортови, со она традиционално име за спортските екипи од градот под Тумбе Кафе – Пелистер.
– Јас, нормално не само што посакував во Битола да имаме таков клуб туку бев и еден од првите негови членови. Кога почувствував дека овие далекоисточни спортови ми влегоа во крвта, моја цел беше да се усовршувам и еден ден да станам тренер. Инаку, ова е момент да го споменам и мојот прв тренер Петар Дамјановски од кого ги научив основите на џудото и каратето, за потоа, сѐ до почетокот на 1990-тите години на тренерското кормило да дојде Перо Димитровски. Двајцата имаат голем придонес за квалитетното издигнување на двата спорта, вклучувајќи го и третиот, џиу-џица, кој поради филмовите со Брус Ли беше многу популарен. Кога зборувам за тоа време, морам да кажам дека немавме свое постојано место за тренинг, туку се селевме од една во друга сала. Можеби ќе се насмеете кога ќе кажам дека во тие години се изнадишав прашина шетајќи низ битолските сали. Но сето тоа многу подоцна беше надминато со оформувањето на Будо-центарот, кој е пријатно и чисто катче, според сите стандарди за спортување – вели тој.

ПРВ АИКИДО-МАЈСТОР

Инаку, желбите на Ѓуро Илиќ не завршуваа со тоа да биде само натпреварувач. Напротив, тој ги проучуваше далекоисточните спортови и вештини и се подготвуваше еден ден и тој да стане тренер и да ги обучува младите.
– Таа желба за тренер посебно се разбуди и ме мотивира, откако бев на еден семинар организиран во поранешна Југославија на островот Вис. Таму дојдов до многу нови сознанија, кои подоцна ми служеа како основа за надградување. Но како и во другите градови од Републиката и кај нас, уште еднаш ќе повторам, проблем беше немањето сопствена сала. Јас успеав некако да се снајдам и се договорив со месната заедница Моша Пијаде, која имаше простории и сала за состаноци во познатото Генимале, тука да се одвиваат нашите тренинзи. Така, почна една нова ера за мене во која целосно се посветив на тренерската работа. Ја користев сета литература што ќе ми дојдеше до рака, па така теоретски бев добро поткован, а преку секојдневните тренинзи и практично го реализирав она што го имав како сознание од теоријата. Сета оваа работа и искуството, што го имав здобиено со секојдневните тренинзи и учествата на натпреварите, ми помогнаа во годините што доаѓаа и јас да издадам неколку стручни книги и публикации посветени токму на џудото, каратето, џиу-џицата и на аикидото. Овој последниот спорт, кој беше најмлад кај нас, посебно ме привлече. Аикидо е всушност вештина, која се базира пред сѐ на одбраната во борбата, во која се користи и дел од силата на противникот. Како? Многу логично и едноставно. Кога противникот те напаѓа, ти го повлекуваш и на својата додаваш и дел од неговата сила. И обратно, кога противникот те влече, ти не се оттргнуваш, туку и ти туркаш за да го исфрлиш од ритам. Ете, тоа се некои финеси, кои ја прават аикидо-вештината интересна. Ова е т.н. реално аикидо, кој датира од 1993 година, во кој нема суровост, туку сѐ се базира на максимална концентрација и навремена реакција за искористување и силата на противникот. Стручњаците често знаат да кажат оти реалното аикидо, токму поради својата содржина, повеќе одговара на физичките специфики што ги имаат луѓето од западната хемисфера – вели Илиќ.
Во 1986 година, Ѓуро Илиќ ги потврди своите квалитети и стана првиот аикидо-мајстор во Македонија. Подоцна тој беше избран и за претседател на Аикидо-федерацијата, со што даде голем придонес за натамошниот развој на овој спорт.
– Со оглед на тоа што Битола е студентски град, тука доаѓаат млади луѓе од целата држава. Некои од нив своето време го минуваат во Будо-центарот, во кој може да ги тренираат сите боречки вештини, кои потекнуваат од Далечниот Исток. Некои ги привлекува џудото, други каратето, а има и такви што се посветуваат на аикидото. Има многу случаи, кога овие млади луѓе се враќаат во своите средини да бидат иницијатори за формирање аикидо-клуб. Така, денеска дали како посебни клубови или како секции во рамките од карате-клубовите има дваесетина центри во кои се практикува и аикидо – вели Илиќ.
Ентузијазмот со кој влегуваше во боречките спортови му ја отвори и вратата во врвните спортски форуми. Тој е член на бордот на директори на Меѓународната асоцијација, а е супервизор за аикидо за земјите од Југоисточна Европа. Неговите активности продолжуваат и во Будо-центарот во Битола, а се разбира и како правник во Општина Битола.
Неговите сограѓани се горди што имаат една таква личност меѓу нив, која не само што се бори за афирмацијата на спортот туку и ги насочува младите да чекорат по вистинскиот пат. Сите овие негови заложби не останаа незабележани и од меѓународните структури, па така тој ја доби честа да се најде во Куќата на славните, во која се имињата на најзаслужните за развојот на боречките спортови во светот.
На крајот да кажам дека Ѓуро Илиќ е познат и по својата голема љубов кон музиката, а е вистински уметник кога ќе седне и своето знаење го манифестира на тапаните.


Ѓуро Илиќ

Роден: во 1952 година во Битола
Кариера: клуб за боречките спортови Пелистер – Битола
Успеси: прв аикидо-мајстор во Македонија, претседател на Аикидо-федерацијата на Македонија, член на бирото на Меѓународната федерација, супервизор за Југоисточна Европа