Левандовски е најдобар фудбалер за 2020 и за 2021 година, а од 1991 година признанието во низа го освојуваа Роналдо, Роналдињо, Лионел Меси и Кристијано Роналдо

ИЗБОР НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА

Полјакот Роберт Левандовски од Баерн е петтиот фудбалер што во низа ја освојува наградата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за најдобар играч на годината. Тој го освои признанието за 2020 година, а пред неколку дена беше прогласен за најдобар фудбалер и за 2021 година.
ФИФА ја доделува наградата за најдобар фудбалер од 1991 година (сега со име „најдобар“), а од тогаш признанието во низа го освојуваа Бразилците Роналдо и Роналдињо (како и Левандовски две години по ред), Аргентинецот Лионел Меси (четири пати во низа) и Португалецот Кристијано Роналдо (двапати по две години во низа).
Најдобра фудбалерка за 2021 година во изборот на ФИФА е Алексија Путејас од Шпанија, членка на Барселона, европскиот првак. На свеченото прогласување на најдобрите, Челси доби три признанија, и тоа за најдобар голман, Едуард Менди од Сенегал, и за најдобри тренери на женски и на машки тим, Ема Хејс од Англија, односно Томас Тухел од Германија.
Најдобра голманка е Чилеанката Кристијане Ендлер од ПСЖ, Аргентинецот Ерик Ламела од Тотенхем ја доби наградата за најубав гол, репрезентацијата на Данска и нејзиниот медицински и тренерски тим за ферплеј, Канаѓанката Кристине Синклер и Португалецот Кристијано Роналдо ја добија специјалната награда на ФИФА за извонредно достигнување во кариерата, а навивачите на Данска и на Финска наградата за навивачи на годината.