Фото: Новак Ѓоковиќ/Твитер

Новак Ѓоковиќ го загуби судскиот случај во Федералниот суд во Канбера без освоен сет, пишува Чип Легранд во неговата колумна за австралиски „Ејџ“, откако австралискиот Федерален суд ги објави причините за одлуката поврзана со визата на најдобриот светски тенисер.

Доколку објавените причини за судската одлука беа тениски резултат, тој ќе наликуваше на исходот со кој се соочуваа беспомошните ривали на Ѓоковиќ во првите неколку кола на Австралија опен во изминатите години. Првиот светски рекет застапуван од некои од најдобрите адвокати во Австралија, не можеше да стигне ни до неизвесен гем против сервисот на австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук.

Ѓоковиќ бил запрен на аеродромот во Мелбурн бидејќи е познат тенисер кој одбива да прими вакцина против ковид-19 и визата му била укината двапати поради истата причина, поради која судот ја потврдил и одлуката на Хоук за депортација на Србинот, според Легранд.

– Позната светска тениска ѕвезда може да влијае врз луѓето од сите возрасти, млади или стари, но можеби младите се особено подложни, бидејќи се угледуваат на него. Ова не е нереално, за ова не се потребни докази. Ова е препознавање на човечкото однесување врз основа на искуство. Дури и доколку господинот Ѓоковиќ не го освои Австралија опен, капацитетот на неговото присуство, играјќи тенис во Австралија, да ги охрабри оние што му се угледуваат, претставува разумна основа за мислењето дека тој би можел да поттикне антиваксерско расположение – се наведува во одлуката на тројцата судии кои претседаваа со случајот.

Згора, под австралискиот закон, министерот не морал ниту да биде сигурен во ваквите тврдења, бидејќи делува во добра намера според сопственото убедување.

– Објавените причини во одлуката продираат низ медицинскиот исклучок на Ѓоковиќ против вакцинацијата, забележувајќи дека прележаниот ковид-19 на Ѓоковиќ не е причината поради која тој не е вакциниран, туку оти тоа се должи на неговото одбивање на прими вакцина. А токму затоа владата одбила да му дозволи влез во Австралија – заклучува Легранд.

Дел од странските медиуми шпекулираат дека Ѓоковиќ има намера да ја тужи австралиската влада за „несоодветен третман“, спомнувајќи и можно бараже за отштета од шест милиони долари, но засега нема официјална потврда на оваа информација.