Пратениците во косовското Собрание ја усвоија нацрт-резолуцијата против одржувањето на референдумот за промените на српскиот Устав во српските средини на Косово. На вонредната собраниска седница за резолуцијата гласале 76 пратеници, без да има воздржани и против, пренесуваат српските медиуми.
Нацрт-резолуцијата беше предложена од косовскиот премиер Албин Курти, кој на седницата го повтори ставот дека Србите можат да гласаат преку пошта или во Канцеларијата за врски во Приштина.
– Никој не го крши правото на глас, туку едноставно, поради фактот што должноста на Амбасада на Србија на Косово ја извршува Канцеларијата за врски во Приштина, гласањето може да се изврши во неа, во согласност со нашиот Устав – порача Курти.
Српските медиуми наведуваат оти косовските Срби во изминатите неколку години не гласаа како бирачи во странство.
– Косово е независна и суверена држава и треба да се третира како таква. Парламентот, потпирајќи се на Уставот, не го признава правото на една држава еднострано да организира референдум на суверената територија на другат држава – порача Курти.
ЕУ и државите од т.н. Квинта која ја сочинуваат САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција, упатија апел до Приштина да им овозможи на Србите на Косово да го остварат правото на глас на утрешниот референдум за уставни промени, но владата на Курти го одби таквото барање, објави белградска „Политика“.