Пуштена е во сообраќај една лента од патот Охрид – Битола, за влез во Битола од страната на Охрид. По повеќе од неколку месеци од почетокот на градежните активности, Општина Битола, по успешните тестирања на носивоста на мостот „Курделес“ кај „Довлеџик“, го пушти во сообраќај патот за влез во Битола, од страната на Охрид.
– Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, за време на работните активности, изврши увид на состојбата на теренот. Од добиените наоди, констатирано е дека, објектот е изведен согласно основниот проект и постоечките технички прописи и нормативи. За сите вградени материјали, доставени се сертификати и извршени се испитувања на арматурата и бетоните – информираа од Општина Битола.
Овој нов мост на реката Драгор на влезот кај „Довлеџик“, е со должина од 30 метри и ширина од 21 метар. Мостот ќе има четири коловозни ленти и по две пешачки и
велосипедски патеки. Инвестицијата чини 50.150.000 денари, а Општината Битола за изработка на проектната документација и ревизијата на проектот обезбеди 1.235.460
денари. М.М.