Турција

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Анкара изјави дека и покрај фактот што неговата земја е изложена на неправда, Европската Унија останува стратегиски приоритет за Турција. Тој во палатата „Чанкаја“ им се обрати на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во Турција, каде што зборуваше за односите меѓу неговата земја и ЕУ. Притоа турскиот претседател истакнал дека на сите треба да им биде јасно дека Турција направила големи напори во контекст на борбата против илегалната миграција и тероризмот.
– Да не беа нашите напори, мигрантската криза уште повеќе ќе се продлабочеше, бројот на жртвите ќе беше поголем, тероризмот ќе станеше уште подив, нестабилноста ќе зафатеше многу поширока област – оцени Ердоган.
Тој рече дека ЕУ треба да спречи саботажа на односите меѓу Турција и Европа, криејќи се зад изговорите за солидарност во Унијата.
– Се надеваме дека Европската Унија ќе се ослободи од стратегиската кусогледост во 2022 година и ќе ги развива односите со Турција похрабро – рече Ердоган.
Тој рече дека секој што може објективно да согледа, јасно гледа и препознава дека „Турција е клучна земја за надминување на заканите со кои се соочува Европската Унија”.
– И покрај сите неправди на кои бевме изложени, Европската Унија останува наш стратегиски приоритет, ние продолжуваме да се стремиме во таа насока – заклучи Ердоган.