По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри до вчера биле уништени 195 домашни свињи. Направена е депопулација, мршите од овие животни се депонирани во сточна јама во Делчево, каде што се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот. Ова го кажа директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, на прес-конференцијата организирана од Стопанската комора на Северна Македонија, на тема „Вонредни мерки за справување со прв случај на африканска свинска чума во Република Северна Македонија“.
Наредните денови ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри, во одгледувалишта каде што не можат да се спроведат биосигурносни мерки.
– Овде немаме можност да се изврши вакцинирање или да се изврши тераписки третман, лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е леталниот исход – објасни Бабовски.
На ниво на држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период е воведена забрана за какво било движење на приемливи животни, со исклучок на оние што со соодветна дозвола се носат на колење. Бабовски кажа дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени, средствата што ќе им бидат исплатени нема да бидат пониски од ценовникот на грлата. Директорот потенцира дека месото добиено од свиња со негативен резултат на африканската свинска чума не е опасно за консумирање.
Тоде Атанасов, претседател на Групацијата на производителите на свинско месо, истакна дека од 2019-та досега Владата ги нема преземено потребните мерки за заштита од вирусот и очекуваат од 50 до 60 милиони штета во свињарството.
– Во 2020 година, според Заводот за статистика, произведени се 15.000 тони домашно месо. Овој проблем е голем и треба да се прифати од страна на државата како итен приоритет – посочи Атанасов.
Бојан Ѓоргиевски, претставник на Групацијата на мали производители, вели дека со појавата на африканската чума мора да се реализира итно покачување на биосигурноста на фармите, постојани инспекции и забрана за дејност за оние што ќе одбијат покачување на биосигурноста.
– Очекуваме нашите колеги фармери да ја согледаат состојбата и да соработуваат со властите. Голем број млади фармери се директно загрозени од оваа состојба. Тие својата егзистенција ја гледаат во нашата татковина и се надевам дека така ќе остане – кажа Ѓоргиевски.
Директорот на АХВ потенцира дека не би требало да се соочиме со поскапување на свинското месо, бидејќи се задоволени потребите на домашниот пазар. Тој информира дека во радиус од десет километри во Делчевскиот Регион во опасност се 741 грло, кои ќе треба да влезат во процес на депопулација.
Првиот случај на африканска чума во државава беше потврден на 6 јануари оваа година, во делчевското село Драмче.