Град Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање домаќинства и други субјекти на подрачјето на главниот град за чистење оџаци за 2018 година. Со овој повик, Град Скопје ќе им надомести дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари.
На јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Јавниот повик трае 60 календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември 2018 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави неколку документи. Барање за надомест, што може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk. Како доказ за жителство во Град Скопје потребно е да се достави фотокопија од лична карта или пасош. За правните субјекти се следи тековна состојба не постара од шест месеци.
Потребна е потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот, фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности). Фискалната сметка треба да биде издадена во периодот од почетокот на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и фотокопија од трансакциска сметка/жиро-сметка.
Барањето за искористување на правото за надомест на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје бул. „Илинден“ бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 8:30 до 15 часот.