Пред утрешните состаноците на Извршниот и Централниот одбор на владејачкиот СДСМ, мандатарот Димитар Ковачевски, во изјави за неколку медиуми, потврди дека списокот на кандидати од неговата партија за министерски позиции е составен, но не откри ниту едно име. Тој вели дека нема дилема кого ќе предложи утре пред највизоките партиски тела, бидејќи, како што нагласи, станува збор за проверени кадри со долгогодишни искуства во секторите кои ќе ги водат.
Од она што е официјално познато во новиот владин состав нема да бидат досегашните функционери Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Венко Филипче. Официјално е и дека нема да има промени кај министерските кандидати од ДУИ кои ги задржуваат сите досегашни функции, освен позицијата министер за информатичко општество, кое го отстапија на Алтернатива. Новиот коалициски партнер, Алтернатива, ќе има три министерски места – Беким Сали ќе го наследи Филипче во Здравство, Адмирим Алити ќе биде нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде без ресор задолжен за дијаспората.
Според досегашните партиски најави, по утрешните седници на највисоките партиски тела на СДСМ, мандатарот Ковачевски во вторник ќе ги достави програмата и предлог-составот на новиот Кабинет до Собранието, по што се очекува собранискиот спикер Талат Џафери на 15 јануари да закаже седница на која пратениците ќе гласаат за новиот владин состав.
Се шпекулира дека на чело на МВР останува Оливер Спасовски, досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ ќе го води ресорот Правда, а на сегашната позиција вицепремиер ќе остане Фатмир Битиќи. Неофицијално, во новата влада ќе останат и Благој Бочварски и Љупчо Николовски.