Украинскиот претседател Володомир Зеленски, во своето новогодишно обраѓање до нацијата, изјави дека „ниту една армија од другата страна на границата не ја плаши Украина“, бидејќи ја штити голема војска, пренесоа светските медиуми.
Изјавата на Зеленски доаѓа во време на високи тензии меѓу Москва и Западот, по распоредувањето на голем број војници на границата меѓу Русија и Украина, поради што властите во Киев велат дека се загрижени дека Русија би можела да ја нападне Украина, што Кремљ го негираше во повеќе наврати.
Зеленски рече дека главна цел му е „да заврши војната меѓу украинските сили и сепаратистичките формации поддржани од Русија во делови од источна Украина“ и изрази уверување дека Крим „еден ден ќе биде вратен под контрола на Киев“.
Тензиите меѓу Русија, од една страна, и НАТО и САД од друга страна, не стивнуваат. Русија бара силни гаранции дека НАТО нема да се шири кон нејзините граници, а вчера телефонски за целата ситуација разговарале и претседателите Џо Бајден и Владимир Путин.
Американските и руските претставници ќе се сретнат од 9 до 10 јануари во Женева за да разговараат за контролата на вооружувањето и зголемените тензии околу Украина во рамките на нивниот билатерален Стратешки дијалог за стабилност. Потоа, на 12 јануари, во Брисел ќе се одржи посебен состанок на Советот Русија-НАТО.