Жичницата до врвот на Водно, која долго време не функционираше, од денеска сите граѓани повторно ќе можат да ја користат, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
– Изминатиов период се завршени сите неопходни процедури за пуштање на жичницата во функција од технички и безбедносен аспект. Направен е редовен годишен преглед од овластена институција, мониторинг од Државен инспектор за жичници, како и редовен технички преглед – објасни Арсовска.
Согласно со протоколот на Комисијата за заразни болести во кабина е дозволено да се превезуваат максимум четири лица, односно искористеност на 50 отсто од вкупниот капацитет на кабината, а патниците треба да носат заштитни маски.
Во текот на денот ќе се врши дезинфекција на внатрешноста на кабините.
Жичницата ќе работи секој ден, освен секој понеделник и последниот вторник во месецот.
Воедно во оптек се пуштени и трите автобуски линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б). Автобуските линии за време на викенд и за државни празници се бесплатни за сите категории патници. Дозволен е превоз на домашно милениче куче со мал/среден раст и превоз на куче/придружник на лицата со хендикеп.