„Еуроњуз“ направи преглед на настаните што ја обележаа годината на заминување, но оставија длабоки траги, а чии последици ќе се чувствуваат во голема мера и во првите денови од годината пред нас

Осум настани што ја ремоделираа Европа во 2021 година

1. Кампања за вакцинација против ковид-19
Воведувањето на вакцините против коронавирусот во ЕУ имаше контроверзен почеток. Започна во јануари и беше проследено со критики поради бавноста на кампањата, која беше обременета со недостиг од вакцини и други пречки. Три месеци по почетокот на кампањата – некаде до крајот на март – само околу 5 отсто од 450-те милиони жители на ЕУ беа целосно вакцинирани против ковид-19, во споредба со 6 отсто во Велика Британија и 19 отсто во САД.
Членките на Унијата усвоија координиран пристап во набавката на вакцинални дози, при што секоја од земјите требаше да прими број на дози што се пропорционални на нејзиното население. Меѓутоа, Брисел влезе во отворен судир со производителот на вакцини „Астра Зенека“, откако компанијата изјави дека нејзиното ветување за испорака на 80 милиони дози во првиот квартал, во реалноста ќе изнесува помалку од половина од првичната најава, а како причина наведе постоење на технички проблеми.
Во март беше воспоставен контроверзниот систем за контрола на извозот, кога беше блокирана испораката на повеќе од четврт милион вакцини на „Астра Зенека“, наменети за Австралија. Дистрибуцијата на „Астра Зенека“ доживеа уште еден дебакл, откако голем број европски држави решија да ја стопираат употребата на оваа вакцина, со цел да се истражат ретките случаи на згрутчување на крвта по нејзина апликација. Подоцна, Европската агенција за лекови откри дека постои „можна врска“ помеѓу производот на „Астра Зенека“ и наведената медицинска состојба, но сепак инсистираше на фактот дека придобивките од користењето на вакцината и понатаму ги надминуваат ризиците од нејзина примена. Иако повеќето држави од ЕУ постепено продолжија со користење на оваа вакцина, новите старосни ограничувања и низата од непријатни медиумски наслови, доведоа до неизбежно нарушување на репутацијата на „Астра Зенека“ низ континентот.
По неколкумесечни полемики, ЕУ и „Астра Зенека“ во септември излегоа со веста дека постигнале договор за крај на нивната правна битка во врска со бавното темпо на испорака на вакцините на оваа компанија. Најпосле, кампањата на ЕУ за вакцинација го доби посакуваниот ритам, потпирајќи се повеќе на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“. Според процените на „Аур ворлд ин дејта“, заклучно со 18 декември, целосно биле вакцинирани 68,5 отсто од вкупното население во ЕУ, во споредба со 60,9 отсто во САД и 68,9 отсто во Велика Британија.

2. Контроверзност за процесот на вакцинирање
Меѓутоа, токму кога кампањата за вакцинација во Европа влезе во посакуваниот ритам, се појави нова контроверзија – како да се поттикнат на вакцинирање оние што не се вакцинирани. Долго време изгледаше дека Италија е единствениот исклучок, откако во март годинава воведе задолжителна вакцинација на здравствените работници, но варијантата делта, која брзо се ширеше, принуди голем број европски држави да ја променат брзината. Имено, во јули Грција и Франција тргнаа по примерот на Италија. Во овој период, неколку држави воведоа здравствени пропусници, кои дозволуваа само вакцинираните – или, во некои случаи, оние со негативен ПЦР-тест или доказ за прележан ковид-19 – да влегуваат во ресторани, барови и други места за забава. Иако процедурите се разликуваат од земја до земја, оваа пропусница сега се применува во неколку европски држави, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Кипар, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија и Словенија. Ова резултира со големи протести во Европа, при што демонстрантите обвинуваа дека се работи за угнетувачки правила.
Под притисок на новиот пораст на инфицирани во текот на есента, дебатата во Европа сега е префрлена од здравствени пропусници на задолжителна вакцинација. Така, почнувајќи од 1 февруари, вакцините против коронавирусот ќе станат задолжителни во Австрија, што во основа претставува прво официјално задолжително барање за вакцинација на територијата на Европа. Во меѓувреме, на почетокот на 2022 година, се очекува и германските парламентарци да изгласаат задолжителна вакцинација.

3. Настанот со изборите во Германија што означија крај на ерата на Меркел
Изминатата година не беше само во знакот на ковид-19. Уште еден решавачки момент беа германските избори од 26 септември, со кои беше означен крајот на 16-годишниот мандат на канцеларката Ангела Меркел. Поранешната научничка од сферата на природните науки, порасната во комунистичка Источна Германија, Меркел, успеа да „надживее“ четири американски претседатели, четири француски претседатели, пет британски и дури осум италијански премиери.
За време на својот рекорден мандат на чело на државата, првата германска жена канцелар беше заслужна за решавањето на голем број кризи, одбраната на западните вредности во едни турбулентни времиња, а истовремено претставуваше и пример за женската популација.
Наследникот на Меркел, Олаф Шолц, положи свечена заклетва на 8 декември, откако неговата централнолевичарска Социјалдемократска партија на Германија (СПД) и неговите коалициски партнери – Слободните демократи и Зелените – обезбедија 416 места во германскиот Бундестаг. Се чини дека Шолц, кој беше министер за финансии во владата на Меркел, во целост е подготвен да прифати огромен дел од нејзиното наследство – како во однос на стилот на работа така и содржински. Сепак, неговата коалициска влада даде ветување за попрогресивни политики во врска со општествените и еколошките прашања, како и поцврст пристап кон авторитарните режими на меѓународната сцена.

4. Брегзит и влијанието на ЕУ
Ефектите од разводот на Обединетото Кралство и ЕУ почнаа да се чувствуваат уште во текот на 2021 година, откако Лондон и официјално го напушти единствениот пазар на Унијата. Речиси четири и пол години по референдумот за напуштање на ЕУ, на 1 јануари годинава конечно почнаа да се гледаат ефектите од брегзит. Меѓутоа, последните 12 месеци беа обележани со голем број тешкотии поврзани со договорот околу кој се преговараше со Брисел. Еден од клучните проблеми беше Протоколот за Северна Ирска. Според овој договор, Северна Ирска продолжува да ги следи правилата за единствен пазар и царинска унија на ЕУ, со што се избегнува цврста граница помеѓу неа и Република Ирска, која е членка на ЕУ. Ова фактички значи граница во Ирско Море, со што се нарушува трговијата помеѓу Британија и Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство. Синдикатите на Северна Ирска излегоа со изјави дека ова ќе доведе до слабеење на врските со остатокот од Британија. Иако Унијата понуди одредени отстапки, Европската комисија ја отфрли можноста за повторно отворање на преговорите за овој протокол.
Но ова не беше единствената расправија предизвикана од брегзит годинава. Франција и Обединетото Кралство имаа несогласувања околу дозволите за риболов, при што Париз се пожали дека ги нема добиено сите дозволи на кои рибарите имаат право според договорот за брегзит. Имено, британскиот договор со ЕУ дозволува рибарите да продолжат да ловат во британските води, доколку добијат дозвола и докажат дека и претходно рибареле таму.

5. Релациите помеѓу Полска и Брисел уште повеќе се нарушија
Унгарија и Полска веќе со години се расправаат со Брисел околу нивното почитување на базичните вредности на ЕУ. Годинава европратениците се заложија европските пари за овие две држави да бидат условени со извештајот за независност на медиумите и судскиот систем. Полска и Унгарија остро протестираа, поднесувајќи жалба до Европскиот суд на правдата. Во декември, главниот судски застапник изјави дека протестот „треба да биде отфрлен“.
Мануел Кампос Санчез-Бордона рече дека врската меѓу фондовите на Унијата и владеењето на правото „се базира врз соодветна правна основа“.
Односите Варшава – Брисел беа дополнително нарушени во октомври. Имено, полскиот Уставен суд донесе одлука дека членството на земјата во Унијата не им дава на европските судови врвно правно овластување во Полска. Ова претставуваше голем шок за Унијата, бидејќи го оспори приматот на европското право – најважниот камен-темелник на членството во ЕУ. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки возврати со ветувањето дека ќе ја брани суверената независност на неговата земја од „постепената експанзија“ на институциите на ЕУ.

6. Унијата ја обвини Белорусија дека организира шверц на мигранти за ЕУ
Земјите-членки на ЕУ што граничат со Белорусија, годинава предупредија дека сè повеќе мигранти се обидуваат да ја преминат границата, при што стотици навлегуваат во Литванија. Во текот на летово, литванските официјални власти тврдеа дека мигрантите добиваат помош од Владата во Минск. Подоцна во текот на годината, ова се претвори во сериозна криза, откако стотици мигранти се насобраа пред полско-белоруската граница.
Во ноември, откако неколку стотици мигранти се организираа во обид да влезат во ЕУ, Полска ја обвини Белорусија за „намерна ескалација на тензиите“. Унијата излезе со став дека Белорусија ја поттикнувала и потпомагала миграцијата на територијата на ЕУ, како еден вид одмазда за санкциите што беа наметнати врз владата на претседателот Александар Лукашенко, по спорните белоруски избори во 2020 година и репресијата врз дисиденти.
Европските лидери изјавија дека луѓето се користат како пиони и се дел од „хибриден напад“, чија главна цел е дестабилизација на ЕУ. Земјите-членки на Унијата што граничат со Белорусија подигнаа привремени огради, со намера да ги одвратат илегалните преминувања.
Во меѓувреме, Лукашенко упати обвинувања до ЕУ, барајќи од Унијата да прими повеќе мигранти, додека дел од оние што беа заглавени на границата, повторно беа вратени во татковината. ЕУ и нејзините сојузници одговорија со целни санкции.

7. Дебаклот во Авганистан ги засили повиците за изградба на ЕУ-одбраната
Една од најголемите приказни на меѓународно ниво беше рапидното преземање на Авганистан од страна на талибанците, откако во текот на летото силите на НАТО се повлекоа. Пред заминувањето на последните американски трупи во август, милитантната група го зазеде Кабул. Ова преземање предизвика масовна акција од страна на САД и европските сојузници, со цел евакуација на илјадници странци и Авганистанци што работеа за НАТО во текот на 20-годишната војна, предводена од Американците.
Лидерите на ЕУ рекоа дека „френетичната евакуација“ пред повлекувањето на САД кон крајот на август претставува „повик за будење“ на Унијата. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Унијата „треба да се стреми кон поголема автономија во носењето одлуки и поголем капацитет за дејствување во светот“. Оттука, одредени функционери сметаат дека ЕУ треба да инвестира повеќе во сопствените одбранбени капацитети.

8. Стресот на ЕУ поради Украина
Во ноември, Министерството за одбрана на САД соопшти дека има „чудни“ раздвижувања на војници на руско-украинската граница, испраќајќи истовремени предупредување до Москва „да биде јасна во однос на своите намери и да се придржува до договорите од Минск“.
Подоцна во текот на истиот месец, министрите за надворешни работи на НАТО побараа од Русија да деескалира, предизвикувајќи уште поголема загриженост поради нејзиното наводно воено засилување.
Во 2014 година, Москва незаконски го анектира полуостровот Крим, па сега западните земји стравуваат дека претседателот Владимир Путин има намера да изврши воена инвазија на Украина.
Во декември, американскиот државен секретар Ентони Блинкен даде изјава за „Еуроњуз“, во која кажа: „Не ја знаеме намерата на претседателот Путин. Не знаеме дали донел одлука да преземе нови агресивни дејства против Украина, но она што го знаеме е дека ги става во движење капацитетите со кои во краток рок би ги преземал овие дејства – а тоа е многу, многу загрижувачко“.
Конфликтот во источниот украински регион Донбас, кој започна во 2014 година, резултира со повеќе од 14.000 загубени човечки животи, а епизодните борби сè уште се присутни – и покрај мировниот договор од 2015 година, потпишан со посредство на Германија и на Франција.
По Самитот на ЕУ во декември, лидерите ја предупредија Русија дека ќе претрпи „големи последици“ доколку посегне по Украина, потврдувајќи ја истовремено уште еднаш својата цврста поддршка за украинскиот суверенитет. Во официјалното соопштение се вели: „Секоја понатамошна воена агресија врз Украина ќе предизвика одговор со големи последици и плаќање висока цена“.
„Европскиот совет ја нагласува итната потреба од руско деескалирање на тензиите, кои беа предизвикани од трупањето руски воени сили на границата со Украина, како и од агресивната реторика“, се додава во соопштението.
Со оглед на досега најсериозните тензии од 2014 година наваму, военото јакнење и релациите помеѓу Русија и Западот со сигурност ќе останат клучен европски проблем и во годината што доаѓа.

Подготвил: Дејан Србиновски