Претседателот Стево Пендаровски ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на Димитар Ковачевски, во 13 часот во претседателската „Вила Водно“, откако лидерот на СДСМ беше именуван за мандатар на завчерашната седница на Централниот комитет на партијата.
Кога ќе го добие мандатот, новиот мандатар има рок од 20 дена да поднесе програма за работа и состав на новата влада до Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера истакна оти очекува да го добие предлогот за Влада на 10 или 11 јануари, а таа да биде изгласана до полноќ на 16 јануари. Владејачкото мнозинство има 64 пратеници од 120-те пратенички места.
Ковачевски на чело на владата ќе го замени Зоран Заев кој поднесе оставка од премиерската и лидерската функција во СДСМ по поразот на локалните избори одржани во октомври.