Според информациите публикувани од Министерството за финансии, речиси милијарда евра изнесува ланскиот вкупен долг на јавните претпријатија и акционерски друштва основани од државата и општините. Секоја година многу од јавните претпријатија, кои како да станаа фирми за вработување на заслужни партиски кадри, бележат неповолни финансиски резултати, а квалитетот на услугите што го нудат за граѓаните е на сѐ пониско ниво. Колку се реалните долгови на овие компании останува добро чувана тајна за партиските раководства, а за нив се дознава, евентуално, по смената на владејачката гарнитура на државно или на општинско ниво
Сегашните загуби на јавните претпријатија се идни обврски за граѓаните?!
Јавните претпријатија се едни од најголемите работодавци во земјава, но тие станаа и најголемите загубари во Македонија. Според информациите публикувани од Министерството за финансии, речиси милијарда евра изнесува вкупниот долг за 2020 година на јавните претпријатија и акционерски друштва основани од државата и општините. Секоја година повеќе од јавните претпријатија, кои како да станаа фирми за вработување на заслужни партиски кадри, бележат неповолни финансиски резултати, а квалитетот на услугите што го нудат за граѓаните е на сѐ пониско ниво. Колку се реалните долгови на овие компании останува добро чувана тајна за партиските раководства, а за нив се дознава „дозирано“, евентуално, по смената на владејачката гарнитура на државно или на општинско ниво. По воспоставувањето на новата власт и именувањето нови раководства, феноменот на јавните претпријатија да продолжат да работат на истиот начин останува, а со тоа нивните долгови постојано се кумулираат.
Именување по систем на мериторност отсуствува од осамостојувањето
Павле Гацов, економски аналитичар и даночен советник, смета дека главен проблем е неефикасното управување со јавните претпријатија и акционерски друштва. Наместо да се применува досегашниот принцип при именувањето раководни лица, само според партиските заслуги на партиските елити, тој смета дека е неопходно да се ангажираат професионалци, чие работење ќе се наградува и казнува, според нивните ефекти во раководењето на јавните претпријатија.
– Не ни е потребен модел што се покажа како неуспешен. Зборуваме за почитување на пазарните критериуми. Поради мешањето политики во работењето на овие компании има превработеност и честопати неефикасност во работниот потенцијал. Таму недостигаат професионален менаџмент и почитување на сите законитости на капиталот и тогаш во таква ситуација мислам дека многу брзо и многу добро би станале ефикасни еднакво на сите приватни компании. Потребно е на реални конкурси да се избираат најдобрите кандидати за да се подигнат перформансите и квалитетот на работата на јавните претпријатија – вели Гацов.
Тој е автор на финансиската анализа за работењето на јавните претпријатија, во која посочува дека главната компонента во трошковниот аспект кај најголем дел од јавните претпријатија се платите, што укажува на превработеност.
– Очигледно е дека со зголемувањето на бројот на вработените не се зголемува ефикасноста на нивните услуги, очигледно се работи за партиски решенија што не се поврзани со поголем број оперативни работници по улиците ако се чисти, или можеби за стручен кадар или, пак, инженерски кадар ако има потреба, и повторно е онаа болка дека политиките се тие што се мешаат во работата на јавните претпријатија – вели Гацов.
Квалитетот на услугите за граѓаните во прв план, а не квалитетот на услугите
кон партијата и лидерот
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини посочува на долгогодишниот проблем на сите јавни претпријатија, на државно и на општинско ниво, кои станаа најголеми носители на загубите кај деловните субјекти во Македонија.
– Годинава, поради енергетската криза „загубари“ се и државните енергетски компании. Сите влади досега ги прикриваа загубите во јавните претпријатија и на општините. Тие одамна не се посветени на подобрување на услугите на граѓаните. Познато е дека јавните претпријатија одамна станаа сервис за вработување на партиските кадри и за задоволување на интересите на гласачите. Секаде во светот државните јавните претпријатија стопанисуваат позитивно и се дополнителни извори за дополнување на државната каса, од каде што се покриваат други трошоци, како на пример и дупките во пензиските фондови. Кај нас јавните претпријатија станаа неефикасни компании, чии загуби се покриваат од државниот буџет – ни изјави Хајредини,
Состојбата со загубите во овие претпријатија, тој ја оценува како драматична и таа не треба да се крие од јавноста.
– Со префрлање на вината на другите политички противници не се решава состојбата. Еве, и Тетово, по Град Скопје, е меѓу најзадолжените локални самоуправи. Министерот за економија се фали дека нема да поскапи драстично струјата, поради буџетски интервенции од државата за покривање на загубите на ЕСМ. Тоа е несериозно, можат да покриваат во недоглед или да ја даваат струјата и бесплатно, но на крајот тоа ќе биде платено од државниот буџет. Треба да знаеме дека сите направени загуби денеска ќе се платат во иднина. Во економската теорија е одамна познато дека сегашните загуби се идни даноци, кои ќе се одразат на натамошниот пад на стандардот на населението, кој и така е на ниско ниво – ни изјави Џевдет Хајредини.
Јавното претпријатие за државни патишта е лидер во задолженост
Во земјава се евидентирани вкупно 144 јавни претпријатија, кои се основани или од Владата или од општините, според податоците од Министерството за информатичко општество. Извештајот за 2020 година на Министерството за информатичко општество покажува дека во јавните претпријатија има вработено вкупно 17.722 лица. Од нив 119 се јавни претпријатија за комунални работи, осум се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, шест се транспортни јавни претпријатија, две се јавни претпријатија од дејноста информирање, едно јавно претпријатие од дејноста информатичко општество и осум јавни претпријатија од други дејности од јавен интерес. Од вкупниот број од 144 јавни претпријатија, три се основани од Собранието на Македонија, а најмногу, односно 128, се основани од Град Скопје и од општините.
Јавното претпријатие за државни патишта е лидер во задолженост, со вкупен доспеан долг од над 656 милиони евра, според листата на должници на Министерството за финансии за 2020 година. По него на ова листа е АД ЕСМ со гарантиран долг од 62 милиони евра, па следуваат „Железници транспорт“ со гарантиран долг од 36 милиони евра, МЕПСО со 17,2 милиони евра и ЈСП, кое должи 9,8 милиони евра. Две државни фирми, две јавни претпријатија и една општина се на првите пет позиции од новата „должничка листа“ на Министерството за финансии според висината на доспеани, а неплатени обврски за третиот квартал од годинава.
На врвот на листата за „неплаќачи“ за 2021 година заклучно со септември, според податоците од Министерството за финансии, е акционерското друштво „МЖ транспорт“ со доспеан долг од речиси 61 милион евра, а потоа следува акционерското друштво „Македонски енергетски ресурси“ со доспеан неплатен долг од 23 милиони евра. Јавното претпријатие „Македонски железници инфраструктура“ има долг од 16 милиони евра, Општина Тетово речиси 12 милиони евра и јавното претпријатие „Колекторски систем“ има долг од осум милиони евра, објави неодамна Радио Слободна Европа.