Со цел зголемување на безбедноста на граѓаните и регулирање на сообраќајот во овој дел, Општина Центар вчераутро постави заштитни столпчиња на улицата Костурски херои, спроти Универзалната сала.
– Поставувањето на заштитните столпчиња доаѓа по многубројните поплаки од жителите, кои пристигнуваат во општината, а се однесуваат на турканиците и сообраќајниот хаос што се создава на оваа делница – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека се поставени вкупно 47 столпчиња на улицата Костурски херои, на потегот од раскрсницата со улицата Радњанска до вклучувањето на булеварот Партизански одреди.
– Со поставувањето на столпчињата нема да може веќе автомобилите да се паркираат на коловозот, ќе се нормализира движењето на улицата и ќе се намали метежот на овој потег. Апелираме до граѓаните да се придржуваат до сообраќајните правила, да ги почитуваат законските одредби при возењето и да не ги оштетуваат поставените заштитни столпчиња – велат општинските власти.