ОПШТИНИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО УБАВА ПРАЗНИЧНА АТМОСФЕРА
Иако општинското новогодишно украсување оваа година изостана, поради целокупната ситуација со енергетската, финансиската и здравствената криза во земјава, сепак, голем број општини во градот на други поинвентивни начини се обидуваат да ги одбележат новогодишните празници
Последните денови од годината секогаш се резервирани за предновогодишни забави, подготовки за претстојните празници, организирање приредби и, секако, за дарување новогодишни пакетчиња за најмладите, кои, впрочем, и најмногу им се радуваат на овие празници. Па, така, овој период во главниот град е резервиран за голем број манифестации, а општините со полна пареа се ангажираат на тоа поле. Се доделуваат подароци за децата, во градинките се организираат приредби, се договараат предновогодишни прослави… На неколку дена пред Нова година, целиот ритам на градот е празничен
НОВОГОДИШНА МАГИЈА ЗА ДЕЦАТА
Иако сѐ уште нема официјални информации за тоа дали на скопскиот плоштад ќе се одржува новогодишна прослава за возрасните и за најмладите, сепак новогодишниот дух почна да се чувствува во метрополата. Пред големите трговски центри веќе сѐ е украсено, посетителите постојано објавуваат фотографии на социјалните мрежи. За граѓаните најважни се најмладите, бидејќи тие и најмногу му се радуваат на овој период од годината.
– Новогодишните празници се најпосакувани од децата. Дедо Мраз, украсени елки, пакетчиња и подароци, шаренило од бои и светулки се причините за детската радост и еуфорија. Сите сме го минале тој период и сите сме го доживувале исто. Тие се најважни, негувањето на новогодишниот дух и одржувањето на веселата празнична еуфорија е сѐ што е потребно за тие да бидат радосни, а повеќе од јасно е дека и на сите нам ни треба малку радост во овие сиви денови – вели Милена Димитриевска.
ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НЕ ГИ ЗАБОРАВИЈА НАЈМЛАДИТЕ
Иако општинското новогодишно украсување оваа година изостана, поради целокупната ситуација со енергетската, финансиската и здравствената криза во земјава, сепак, голем број општини во градот на други начини се обидуваат да ги одбележат новогодишните празници. Па, така, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, в сабота ги покани сограѓаните на предновогодишна забава во Општина Аеродром, на која ќе има магионичарско шоу и многу други занимливости за посетителите.
Муцунски информира и дека во настанот ќе учествуваат и многу општествено одговорни компании и индивидуи, кои ќе помогнат за социјално ранливите категории во општината.
Исто така, ќе може да купите и честитка што ја изработиле учениците од прво до петто одделение во основите училишта од нашата општина, а средствата ќе бидат наменети за оние луѓе на кои им е најпотребно. Се гледаме в сабота – стои во поканата од Муцунски.
Градоначалникот на Општина Бутел, пак, Дарко Костовски, присуствуваше на новогодишна претстава во градинката „11 Октомври“ во Скопје Север.
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, обезбеди пакетчиња за околу 1.300 деца од градинките, околу 200 за децата со посебни потреби и над 500 пакетчиња за дечињата од социјално загрозени семејства. Дополнително, новогодишно пакетче ќе добијат и децата на сите вработени во Општина Кисела Вода.
Новогодишните празнувања треба да бидат убави за сите, особено за дечињата, кои цел живот ги паметат подароците под елката, семејните празнувања и радоста на дарувањето. Се потрудив, како градоначалник, дечињата од сите градинки на територија на Кисела Вода и децата со посебни потреби да добијат новогодишно пакетче. Дополнително, покрај овие 1.500 дечиња, со пакетче ќе им ги разубавиме празниците и на над 500 дечиња од социјално загрозените семејства. Секое дете заслужува да биде среќно и да има убави спомени од детството. Ова е мој мал придонес кон таа цел – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при посетата на објектот „Мимоза“ при ЈДГ „Весели цветови“, каде што беше организирана свечена приредба за дечињата.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, заедно со учениците од ООУ „Коле Неделковски“, ја украси елката кај кружниот тек во близината на Општината.
– Поминавме прекрасно попладне, во смеа и предновогодишно расположение, споделувајќи нови желби за следната година. На учениците им поделив и новогодишни пакетчиња, посакувајќи им добро здравје и нови успеси во образованието – напиша тој на својот фејсбук-профил.