Британската телекомуникациска група „Водафон“ ја понуди првата СМС-порака на светот на онлајн-аукција.
Тие одлучиле да пласираат СМС на аукцијата, испратена во 1992 година во која се честита Божиќ.
Според пишувањето на странските медиуми, купувачот на т.н. НФТ (незаменлив токен) ќе добие единствена реплика од оригиналниот комуникациски протокол. Сето ова се одржува во рамки на добротворна онлајн-аукција во организација на француската аукциска куќа „Агутес“ на 21-ви декември.
Приходот ќе биде дониран за помош на раселените лица, поточно средствата ќе бидат насочени кон Обединетите Нации.
СМС пораката, која гласи „Среќен Божиќ“, била испратена на 3-ти декември 1992 година, а истата ја примил Ричард Џарвис, тогашен вработен во компанијата.
Учесниците на аукцијата ќе можат да даваат понуди, користејќи ја криптовалутата етериум, а највисоката понуда ќе му донесе некому ексклузивно сопствеништво над комуникацискиот протокол, користен за пренос на првата СМС-порака на светот.