И податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека сезонскиот грип доминира кај детската популација. Од 100 пријавени случаи минатата недела, речиси половината или 47 се кај пациенти од 0-14 години
Расте бројот на деца болни од грип и настинки, а се намалува на оние кои заболеле од ковид-19.
Во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле овој период најголем дел од прегледите се поради сезонски вируси и инфекции.
Директорот на Институтот, д-р Бесник Зекири вели дека изминатиот период се намалува бројот на деца заболени од ковид-19, но предупредува дека расте бројот на болни деца од настинки или сеознски грип.
– Во моментот се хоспитализирани 13 деца поради компликации од ковид-19, но сите се во стабилна состојба. Најмалото има седум години, а најстарото 17 години. Бројот на хоспитализирани ковид-позитивни деца се намалува – посочува д-р Зекири.
Според него, овој период од годината е типичен за сезонски инфекции кај децата.
– Секојдневно имаме од 60-70 прегледи. Ако е потребно болничко лекување ги праќаме на Клиниката за детски болести во Скопје, зашто кај нас се примаат само ковид-позитивни деца, а осанатите ги упатуваме на домашно лекување и закажуваме контроли – вели тој.
Според лекарите, отворените прозорци и врати за време на училишните часови може да е една од причините за растечени носови и кашлици. Затоа, советуваат проветрувањето да се прави за време на одморите. Така, сметаат тие дека децата ќе можат да се заштитат. Исто така апелираат на редовно и правилно носење на маските.
И податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека сезонскиот грип доминира кај детската популација. Од 100 пријавени случаи минатата недела, речиси половината или 47 се кај пациенти од 0-14 години.
Инаку, од октомври до почетокот на месецов, кога почна сезоната на грип регистрирани се 509 случаи што е за 2,3 пати повеќе во споредба со претходната година.
За ова вирусно заболување се вакцинирале околу 48.000 лица со бесплатни и комерцијални вакцини.