Во периодот од 6 до 12 декември годинава направени се 6,2 проценти тестови за ковид-19 повеќе во однос на една недела претходно, покажуваат податоците на Институт за јавно здравје (ИЈЗ). Во оваа недела тестирани се вкупно 17.997 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2 и регистрирани сe 2.090 нови позитивни случаи од 34 градови, што е намалување од 8,1 отсто во однос на една недела претходно. Процентот на позитивност просечно е 11,2 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи, 49 проценти се од Скопје.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (24,1 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години (4,4 проценти).
-Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 54,4 проценти лица од женски и 45,6 проценти од машки пол. Со статус оздравени се стекнале 2.256 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување – коментраат од ИЈЗ.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 26 реинфекции, со намалување од 35 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 66 смртни случаи во 20 градови, што е намалување од 2,9 отсто во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (26). Во однос на возраста, најголем број, вкупно 58, од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години. Регистрирани се починати и кај возрасната група од 50-59 години (7) и 40-49 години (1).