Германски суд осуди осум лица за создавање нелегален центар за обработка на податоци во поранешен воен бункер.
Во тој нелегален центар се наоѓале таканаречените „хостови“ на сајтови кои се користат за продажба на дрога и други нелегални активности. „Хост“ е уред поврзан на Интернет кој нуди простор за корисниците да креираат страници.
Центарот во поранешниот бункер во Трабен-Тарбах, во западна Германија, беше затворен во септември 2019 година по полициска рација.
Судот во Трир денеска ги осуди сите осуммина обвинети за формирање и членство во криминална организација.
На крајот од судскиот процес, кој траеше повеќе од една година, главниот осомничен беше осуден на затворска казна од пет години и девет месеци.
Останатите се осудени на четири години и три месеци затвор до една година условна казна.