Новиот вид на коронавирус омикрон вчера беше потврден во Хрватска, со што е забележан во 48 држави откако првично беше откриен на 23 ноември, според последните информации. Делта-сојот останува доминантен во Македонија, како и во државите од регионот, додека надлежните повикуваат на помасовна вакцинација.
Во Хрватска омикрон е забележан кај две лица кои биле на состаноци со гости од странство како што објавија медиумите, а надлежните вчера потврдија дека досега се откриени вкупно три случаи на новиот вид. Грција минатата недела го потврди првиот случај на омикрон кај маж од Крит кој неодамна допатувал од Јужноафриканската Република, додека има уште два сомнителни случаи.
Првите индикации за омикрон сугерираат дека тој е помалку опасен од делта-сојот иако забрзано се шири, како што истакна и главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи. Тој, сепак, нагласи дека потребни се дополнителни информации пред да донесат заклучок за сериозноста на омикрон. Заразените со омикрон обично имаат лесни симптоми, според Светската здравствена организација (СЗО).