Околу 100 илјади жители останаа без електрична енергија, а поголем број патишта се непроодни откако ледена бура го погоди Нов Зеланд.
Најмногу е погоден новозеландскиот град Оукленд, каде властите им советуваа на жителите да останат во своите домови. Ударите на ветрот изнесуваа околу 146 километри на час, уривајќи дрвја, покриви и столбови, што потоа предизвика и прекин во електричното снабдување. Метеоролошката служба измерила налети на ветрот со брзина и до 213 километри на час.
Во централниот дел на земјата регистрирани се и снежни врнежи и неколку помали торнада.
Властите соопштија дека ќе бидат потребни неколку дена за да се воспостави нормално снабдување со струја.
Националната авиокомпанија им советуваше на патниците да ги одложат патувањата, бидејќи аеродромот во Оукленд е привремено затворен поради временските непогоди. Се очекува бурата да трае уште неколку дена, а кулминација да доживее утре.