Самостојна изложба на фотографии наречена „Портретна симфонија“ на фотографката Маја Аргакијева ќе биде отворена вечерва во фоајето на Филхармонија со почеток во 20 часот.
Изложбата „Портретна симфонија“ е плод на повеќегодишната соработка со Филхармонија, која започнува во 2017 година. Она што на почетокот требаше да биде репортажна фотографија, набргу прерасна во континуирано уметничко творештво. Се разбира, покрај уметничката визија на Маја, за тоа се заслужни и самите концерти кои инспирираат со својата раскошност и сонична убавина.
Маја Аргакијева е родена 1977 година во Скопје. Во 2003 година станува член на фотоклубот „Елема” од Скопје, каде ги продлабочува своите знаења и контакти. Има учествувано на бројни домашни и меѓународни изложби по фотографија, каде освојува повеќе награди и признанија.
Во 2012 година, е дел од групната изложба “F9“, на 9 жени фотографки.
Во 2014 година, е дел од изложбата по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, а во 2015 година учествува во кампањата „Free birth” со своја изложба на фотографии.
Дел е од книгата „12 македонски фотограф(к)и“, издадена во 2019 година.