Изложбата „Симбиотикс“ на Филип и на Ангел Коруновски е отворена во Младинскиот културен центар. Ова е прва заедничка изложба на Филип и на Ангел Коруновски, визуелни уметници со разноликост во нивните портфолија, а слични во нивната физиономија. На изложбата се претставени 40 дела, работени во комбинирани сликарски и цртачки техники.
– „Симбиотикс“ е диптих во кој комуницираат уметнички дела во постојани движења. Диптихот го чини презимето на потписите, а рамката во која диптихот се остварува е акцијата, дејството. Акцијата во засебните уметнички дела што ја чинат изложбата и акцијата во комуникацијата што меѓусебно ја остваруваат овие уметнички дела, во диптихот како севкупна импресија. Коруновски и Коруновски во оваа изложба создаваат уникатна синтеза: деконструктивистичкиот пристап на Ангел и микроскопскиот наратив на Филип, овде создаваат сложен говор од говори, уникатен семантички јазол – вели Сашо Димоски.