Претседателот на Европската џудо-федерација (ЕЈУ), Соловејчук, по средбата со претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Реџепи, изразил подготвеност Македонија да биде домаќин на европско првенство, а ЕЈУ ќе реши кое и кога, велат од ЏФМ
На неодамнешното Европско младинско првенство во џудо во Бугарија, се одржа и средба помеѓу претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Зељул Реџепи, и претседателот на Европската џудо-федерација (ЕЈУ), Русинот Сергеј Соловејчук. На овој состанок било разговарано за многу прашања за џудото, како и неговиот развој во регионот, особено во Македонија.
– За време на средбата, остварена во Софија, беше истакната зголемената соработка помеѓу ЏФМ и ЕЈУ, каде што се истакнаа почнатите проекти, како што се џудо во клубовите, во семејството, во училиштата и џудо во полицијата – велат од ЏФМ.
На овој состанок, претседателот на ЏФМ, Реџепи, побарал помош од Соловејчук, како на различни начини да се помогне џудото во Македонија, од ЕЈУ, особено талентираните натпреварувачи, кои ветуваат многу за иднината на овој спорт во Македонија.
– Во овој дух, Соловејчук изрази подготвеност да ѝ се додели на Македонија да биде домаќин на европско првенство, ЕЈУ ќе реши кое и кога, а на талентираните спортисти да им се помогне со различни џудо-кампови наменети за нивна што поголема професионалност – велат од ЏФМ.
За време на средбата, двајцата претседатели се согласиле во блиска иднина ЏФМ да делегира свои вработени во работилници организирани од ЕЈУ. Овие семинари се одржуваат со одредени намени, каде што се обучуваат членови на џудо-федерациите, а за иницирање и реализација на различни проекти со примена на истата обука и организирање големи настани како што се Европскиот куп и ЕП.