Ќе се бара одговорност од сите кои нема да ги исполнат плановите за производство на електрична енергија до крајот на годината, што ги доставиле до Владата, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
– Како Влада и Министерство за економија имаме добиени планови за производство. Ќе се бара одговорност од одредени раководства на подружниците на ЕСМ кои нема да ги исполнат плановите за производство до крајот на годината, како и за наредната година – кажа Бектеши во одговор на новинарско прашање.
Министерот напомена и дека во Владата разговарале за зголемување на домашното производство како и на ископот на јаглен, но нагласи оти веројатно нема да се исполни планот за производство на електрична енергија за годинава.
Бектеши посочи дека генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски утринава му кажал оти се прават напори во функција да се стави дополнителен блок во РЕК „Битола“.