Герет Саутгејт, селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, изрази фрустрираност од малкуте мечеви за првиот тим на Фил Фоден во Манчестер сити и ги предупреди англиските репрезентативци дека не можат да очекуваат да ги задржат местата во националниот тим ако не играат поредовно за своите клубови, објавија британски медиуми.
Според информациите, за мечевите минатата недела во Лигата на нациите Саутгејт бил принуден да се откаже од своето правило да не зема фудбалери што не играат за своите клубови. Со најавата сега тој им дава до знаење на, на пример, Рубен Лофтус-Чик со неговите 33 минути за Челси сезонава и на Фабиан Делф, кој воопшто не настапи за Манчестер сити, дека можеби нема да бидат земени за мечевите во октомври, ако не почнат да играат постојано, пред гостувањето кај Хрватска и кај Шпанија.
Фоден, пак, за Сити играл само осум минути сезонава. Од другите, Доминик Соланке уште не заиграл за Ливерпул, Маркус Рашфорд, стрелецот на двата меча во септември за Англија (1-2 со Шпанија, 1-0 со Швајцарија), не е стандарден во Манчестер јунајтед, каде што беше стартер само еднаш…